Изгледаат важно. Се облекуваат пристојно, со стил. Обично се одмерени во зборовите и приватно, а особено на јавната сцена. Не се јавуваат за објаснување на секоја ситница и не патат нивното име постојано да биде на ударно место во медиумите. Се држат до правилата и ги почитуваат законите. Одбиваат да лажат, затоа што лагите се средство на ситните хохштаплери, а тие тоа не се.

Редовно се повикуваат на официјални извори, цитираат правилно и ги консултираат секогаш „двете страни“. Работат во реномирани медиумски куќи, „под заштита и поткрепа“ на странски амбасади или меѓународни агенции. Во нивните текстови секогаш се е точно. Освен кога не е. Со еден збор – професионалци.

Ова се луѓето кои со години, често со децении објективно влијаат врз јавното мислење преку своите настапи на телевизиите или авторските текстови и секогаш нивното „друштво“ е гаранција за правилниот пат по кој оди некој политички фаворит, партија или коалиција.

А кога некој или нешто не им се допаѓа тогаш знаат да бидат и гласни, сурови и бучни, но никогаш, ама баш никогаш неподносливо безобразни како гласната банда која мисли дека доминира во медиумскиот брлог. Кога тој некој, или тоа нешто, (на пример партија на власт), треба да биде елиминирана и за тоа постои консензус со меѓународниот фактор и блиските по интерес локални подизведувачи, тивките професионалци стапуваат „особито“ видливо на сцената.

Со бескрајна упорност, прецизно и точно ги забележуваат сите негови/нејзини грешки, штетни политики, погрешни кадровски решенија, корупциски скандали, антидемократски изблици. Се се заведува, повторува и преповторува а одговорноста, како што е ред, се бара директно и само од виновникот.

Валканиот дел го одработуваат, се разбира, гласните глуперди, чија единствена улога е токму тоа, да бидат вревата зад која „убијците“ од сенка ќе ја завршат вистинската работа.

Да го урнат грешникот и на негово место да се закотви фигура чие реноме, способности и морал не мора да се завидни, но во интерес на поважните задачи кои треба да ги одработи нема потреба да се доведуваат во прашање. Барем извесно време, за потоа ќе видиме. А тоа потоа, впрочем, може и да се развлече. Ако излезе дека ликот и неделото се прости, криминогени, неспособни битанги, по некој период тоа ќе биде забележано и апострофирано од професионалците, како што е ред и правило. Но внимателно, без нагли изливи на разочараност.

Меѓу редови секогаш ќе се потсетува на страшните гревови извршени од претходните злосторници, гревови такви што во споредба со нив лакомоста, неписменоста, смешната ароганција и безграничната корумпираност на актуелните вождови сепак ќе изгледаат како безначајна нужност со која може да се живее во догледен период без особени проблеми.

Па и ако дојде тој момент ( се случува да дојде дури и во Македонија), кога поведението на властите излегува од сите прифатливи рамки на нормалност, тогаш професионалците тоа ќе го нотираат како што треба, при што внимателно ќе потсетат дека тоа не е нешто ново, така се владее во Македонија последните 30 години и на крајот на краиштата сепак сите се исти.

И овие сега и тие претходно. А кога е веќе така, тогаш зошто да ги менуваме сегашните кога и онака исто ви се фаќа, подобро нека останат овие па белким некако сепак ќе се освестат и ќе направат нешто корисно за народот и државата.

Во меѓувреме тупата цивило-фронтална бурлеска ќе вреви, бескрајно здодевно ќе ја наметнува својата небитност во колумнистички сеанси на бедотија и чкарт. Ќе треска за големи владини субвенции, за заштита на националните интереси, за „фашизмот“ на опозицијата, за „црната интернационала“ дури.

Ќе лудува Тричко, ќе „бомбардира“ Поликлинико, ќе се лигават како по договор и во пакт со мрсулавењето на брадатиот ју тјуб лузер, ќе тупат по емисии Зокињата. Гласните глупчовци без свест громогласно ќе ја задушуваат и дават јавноста за професионалците без совест да можат да продолжат со бесшумните убиства на демократијата. И се така. Додека конечно не се разбудиме и не ја прочистиме матната вода во која толку долго време се научени да ловат.

Драган Милосављевиќ