
Тврдам дека предложените уставни измени не се прифатливи и убеден сум дека целиот проект ќе пропадне затоа што е суштински неевропски – дизајниран е како шверцерска операција што се води агресивно и со средства кои во цивилизираните европски земји се сметаат за недемократски и нелегитимни.
Деновиве сме сведоци на нови брутални притисоци врз опозицијата да потклекне и така по секоја цена да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот потребно за усвојување на уставните промени. Иако резултатот на оваа погубна стратегија веќе е познат – огромно мнозинство од граѓаните на Македонија се убеди дека предложените уставни промени не се најдоброто решение и бездруго не се последната уцена од Софија и од Брисел со која ќе биде соочена сервилната влада на Димитар Ковачевски – кампањата за оцрнување и понижување на луѓето кои имаат доблест јасно и гласно да ги изнесат своите аргументи против непристојните предлози со кои е уценет прогресот на Македонија во преговорите за членство во Европската унија, ќе продолжи и ќе се засили.
Би сакал во оваа прилика јавно да им упатам порака на сите граѓани на Македонија кои се изложени на таа харанга, да бидат мирни и спокојни и да не се обесхрабруваат.
Немаме од што да се срамиме и од кого да се плашиме!
Сите ние покажавме дека грижата за македонските национални интереси е легитимна кауза и дека Македонецот од Европа не прифаќа да му се одземе или да му се ограничи правото на национално самоопределување. Покажавме и волја и капацитет за демократски дијалог, но тие, еве, ни возвраќаат со закани, уцени, заплашувања, лаги и манипулации.
Не паѓајте на нивните евтини, шибицарски трикови!
Не дебатирајте за прашања кои го отргнуваат вашето внимание од клучните теми и непотребно ве вознемируваат. Тоа е стандардна техника на пропагандата, која се опишува како пуштање црвени харинги во видното поле.
Не расправајте за црвените харинги!
Не се расправајте, на пример, со пропагандистите кои ве нарекуваат „руски ботови“. Тоа е лага и вие го знаете тоа. Знаете дека огромното мнозинство од вас сте европски ориентирани, дека не сте против НАТО и ЕУ и дека бездруго немате никаква врска со Русија. Впрочем, ова треба да е демократска земја, нели, па како и во сите други демократски земји, луѓето имаат право на различни погледи за политичките прашања. Имаат и право да бидат против ЕУ или против НАТО. Знаете ли дека во повеќето земји членки на ЕУ евроскептицизмот е поголем отколку во Македонија?
Не стравувајте и не ги преувеличувајте нештата!
Не верувајте во лажните вести што ги шират лажните „борци против лажните вести“!
Ништо страшно нема да се случи ако не се усвојат предложените уставни промени. Да, нема веднаш да ги почнеме преговорите, но сигурно ќе водиме разговори за можните решенија за деблокада на процесот. Веројатно ќе се разговара и за ново, но прифатливо и одржливо решение за внесување на Бугарите во Уставот.
Пристапниот процес нема да запре. Лажат дека тоа ќе се случи и дека Преговарачката рамка е непроменлива.
Македонија нема да банкротира за три месеци. Лажат и за тоа.
Македонија нема да изгуби 10 милијарди евра од европските фондови. Измислуваат некакви милијарди што не постојат и пак лажат!
Македонија нема да биде изолирана. И тоа тврдење е една голема лага. Не заборавајте, оваа земја веќе плати висока цена за да стане и стана полноправна членка на НАТО. Со право на вето, како и сите други членки. Македонија има формален статус на земја кандидат за членка на ЕУ. Таа земја ли ќе биде изолирана?!
Во Македонија нема да се снима нова епизода од бурлеската „Меѓуетнички судир“. Никој не ги негира, не ги понижува и не врши притисок врз Албанците, за тие да земат пушки и да излезат во планина како во 2001 година – САД и ЕУ нема да им дозволат Европа во Македонија да ни ја донесат со калашникови. Се закануваат, уценуваат и лажат, но сето тоа сепак е само маркетинг и пропаганда.
Македонија нема да го дестабилизира регионот ниту ќе стане полигон за судир на „геополитичките интереси“ на Западот и на Русија. Аман веќе, не верувајте во тие дрдорења на луѓе кои се саморекламираат како експерти за геополитика. За руско влијание и за проруски инсталации во Бугарија – да, верувам дека би можело нешто да се каже на таа тема. Но, да се зборува за обид на Русија да се инсталира во земја како Македонија, од сите страни опкружена со земји членки на НАТО и на ЕУ и со земји аспиранти, е тоа е повеќе од лага – тоа е ноторна глупост!
Конечно, би сакал да ве повикам оптимистички и со отворен ум да размислувате и за промените што ќе се случуваат во блиска иднина.
На многу од овие имиња што денес ги читате во вестите за уставните промени и за кутрата Македонија која го потресува целиот свет, за година, две или три, едноставно, нема ни да се сеќавате. Како што денес треба да гуглате за да се сетите кои беа претходниците на Урсула фон дер Лајен и на Габриел Ескобар, на пример.
Па не се зборува за избори само во Македонија. Наближуваат и изборите во САД. Изборите за европскиот парламент ќе бидат уште оваа есен. Во догледно време, ќе имаме нова македонска, ама и нова европска влада. Очекуваме нови лица и во структурите на НАТО.
Целата колумна на Бранко Героски за Плусинфо на следниот линк: