Теута им давала незаработена плата на роднините: Алијанса за Албанците тврди дека општинскиот буџет е оштетен за 7 милиони евра

Во текот на една од дебатните емисии, актуелната градоначалничка на Општина Тетово, Теута Арифи, јавно изјави дека бројот на вработените во општината е 360, но ние ќе ви кажеме дека тоа не е точно и дека самата Арифи има вработено над 300 лица со договор на дело за коишто секоја година се трошат над 900.000 евра буџетски пари, реагира Алијанса за Албанците преку соопштение.

„Во текот на осумте години на власт, Теута Арифи само за овие позиции на договор за дело има потрошено над 7 милиони евра, пари на даночните обврзници. Доколку овие пари беа потрошени таму каде што има потреба, а не за луѓе што се партиски милитанти, за членови од семејството на Теута Арифи и на вработените во нејзиниот кабинет, денес од овие пари ќе беа изградени неколку градинки за деца, улици, катчиња за играње за децата, паркови и слично. На листата којашто е јавно објавена ќе видите како години по ред Теута Арифи им давала и продолжува да им дава плати на партиските милитанти, на нејзините блиски и на блиските на лицата во нејзиниот кабинет, коишто никогаш немаат работено и не работат во општината, а некои, пак, ниту се наоѓаат во Тетово, туку живеат и работат надвор од Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Од партијата на Зијадин Села ги објавија и имињата на луѓето кои добивале пари од Општина Тетово, а кои биле блиски луѓе на градоначалничката:

– Албона Меџани Синани, сопруга на Бетим Синани, роднина на Теута Арифи, со договор за дело, добива плата во износ од 15.000 денари месечно. Живее и работи во Германија.

– Руџул Сулејмани, сопруга на Вахид Сулејмани-директор на финансии во Општина Тетово, прв братучед на Теута Арифи. Никогаш нема работено во општината, добива плата во износ од 30.000 денари месечно.

– Арлинд Зечири, бивш министер и функционер на ДУИ, секој месец добива плата во износ од 17.000 денари. Никогаш нема работено во општината.

Рудина Фазлиу, сестра на Арменд Фазлиу, активист и милитант на ДУИ, вработен во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добива плата од општината во износ од 15.000 денари, иако тој работи во компанијата Ecolog.

– Хидије Цека, сопруга на бивш директор на Јавното Комунално Претпријатие, Џелал Цека, секој месец добива плата од општината во износ од 25.000 денари, а никогаш нема работено во општината.

– Валмир Алили, сопруг на Вјолца Алили, вработена во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добива плата во износ од 15.000 денари, иако не работи во општината туку има приватна компанија.

– Генти Исмаили, брат на Арди Исмаили, активист и милитант на ДУИ, вработен во кабинетот на Теута Арифи, секој месец добива плата од општината во износ од 30.000 денари, а никогаш нема работено во општината.

– Јетон Пустина, вработен во неколку институции, секој месец добива плата во износ од 20.000 денари од општинскиот буџет за да извршува политички и партиски активности по собирите на Теута и на ДУИ.

Од Алијанса за Албанците велат дека постојат уште многу други лица коишто добиваат плати од Општина Тетово и што се на оваа листа.

„Слични листи, со вработени со договор за дело има и во Јавното комунално претпријатие, каде што исто така има многу блиски на Теута Арифи и на неговиот сопруг, но исто така и блиски на други функционери на ДУИ, коишто примаат плата со години, а немаат никогаш отидено на работа. Многу загрижувачки е фактот дека овие фиктивни вработени со договори добиваат огромни суми, додека на вработените им доцнат платите и не им се уплаќаат здраствените и пензиски придонеси. За сите овие малверзации и злоупотреби од страната на Теута Арифи, Алијанса на Албанците ќе ги информира надлежните државни институции, како што се Основното обвинителство, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните институции, амбасадите на европските држави и Амбасадата на САД“, се вели во реакцијата.