Тешко до термин за промена на документите со додавката „северна“

Граѓани реагираат на практично незозможната мисија да закажат термин за промена на личните документи на кои ќе стои новото уставно име на државата, обврска што мора да ја завршат до февруари 2024.

„Ем е скапо, ем нема термини“, биле реакциите на граѓаните, според порталот „Пари“ .


Се наведува пример, дека граѓанин на 10 мај добил датум за фотографирање на 22 јуни, а наредниот слободен термин бил 15 јули. За редовна постапка.

Поскапата односно побрза варијанта, закажување од денес за утре е веднаш достапна.

„Оттаму и негодувањата дека состојбата се користи за да се извлечат што повеќе пари од граѓаните“ пишува порталот.

Разликата меѓу редовната и брзата постапка е голема.

За вадење пасош, 2.000 во редовна наспроти 6.100 денари во брза постапка. Претходно, цената во редовна постапка беше 1.500 за лица над 27 години и 4.500 денари на брзата „лента“.

Документите, кои согласно Преспанскиот договор, треба да го имаат новото уставно име, се вадат според ценовникот: замена на лична карта – 310 денари (претходно 190 денари); возачка дозвола – 410 денари (стара цена 280 денари).

Исто така, поскапо чини и добивањето возачка дозвола по итна постапка, 1.230 денари по извршената корекција со дополнителни 390 денари.

Промената е задолжителна, што значи секој треба да издвои дополнителни средства за да одговори на обврската.