Деновите, во Тирана, се одржа самит меѓу Унијата и земјите од Балканот, коишто се одамна оставени пред нејзините порти. Тоа беше чист театар и срамно проигрување со регионот. Замислете, главен резултат е некакво намалување на цените на роамингот на мобилните оператори.

Тоа е промовирано како епохално достигнување, а замислете, ќе започне по една година!? Укинат, пак, ќе биде по пет години! А телефонски компании, прават огромни профити. Особено на Балканот. За евтини пари, ни ги земаа овие златните кокошки и, навистина нема логика да ни остават по некое јајце. Нивни се. Рокот до 2027 година, потврдува дека Брисел, барем до тогаш, не планира проширувања. Тоа е пораката. Во таа година, преговарачкиот стаж на Црна Гора ќе биде 15, а на Србија преку 13 години. Сѐ е јасно, нели?

Иако е заклучокот дијаметрално спротивен, самитот имаше за цел да демонстрира дека Унијата е, божем, заинтересирана за проширување. Народот вели – мижи да те мамам. Усвоена беше декларација, на чии почеток стои – „ЕУ повторно ја потврдува својата целосна и непоколеблива посветеност за перспективите за членство на земјите од Балканот и повикува на забрзување на процесот на зачленување, базирано на кредибилни реформи кај партнерите, фер и РИГОРОЗНА УСЛОВЕНОСТ и според принципот на сопствени заслуги, што е заеднички интерес“!? Кого повикува Брисел на забрзување? Себе? Сепак, не. Во вториот дел од реченицата е суштинската порака – зачленување, ама откако ќе се исполнат новите критериуми, коишто се недостижни.

Еве зошто. Малку се знаат промените коишто се воведени во системот за преговори, на француско инсистирање. Прво, досега, преговорите беа во исклучива надлежност на Европската комисија. Сега, вклучени се и сите заинтересирани членки на Унијата. Тие ќе имаат право, на лице место, кај кандидатите, да проверуваат што е постигнато во однос на бараните критериуми. Второ, сите членки мора да се согласат со годишните извештаи за реализираните преговори. Трето, досега, откако ќе беше потпишан договорот за членство со земјата кандидат, сите членки мораа да го ратификуваат за да стане правосилен. Таа обврска секако дека останува ама има и нова. За затворање на секој кластер од ново предвидените шест, ќе мора да се согласат сите членки. Четврто, предвидено е кандидатите да имаат компатибилно ниво на економски развој, со тој на членките…

Ако се знае дека БДП по жител во Унијата е околу 35.000, а во Македонија под 6.000 евра, тоа значи дека мораме да стигнеме на ниво од преку 20.000, за да не земат предвид. Барем за 20 години, Македонија нема теоретски шанси да биде и блиску до таа цифра. Во иста или слична ситуација се и сите други земји од регионот. Со други зборови, проширувањето станува невозможна мисија. Не треба да има дилеми дека токму затоа беше измислена и новата Европска политичка заедница.

Што значат сите овие нови барања за Македонија, може само да се претпостави. Тие секако ќе ги тангираат и другите држави ама, силен е впечатокот како да се тие, барем во добар дел, смислени токму за нашата земја. На доволно јасен начин, тоа се потврдува и во тиранската декларација. Нашите „драги соседи“, Грција и Бугарија, нема да пропуштат ниту една прилика, за да ни го загорчат животот. А, ќе ги имаат безброј. Впрочем, тие тоа и не го кријат.

Според Плусинфо, од 28/10/2022, бугарската потпретседателка, Јотова, изјавила: „Софија и Скопје имаат уште многу проблеми за решавање, а Бугарија може да стави вето во кое било време“. За време на посетата на Атина, и грчката претседателка му рече на Пендаровски дека меѓу двете земји има уште многу отворени проблеми. Таа и прецизираше дека истите ќе ги решавале за време на нашите преговори со Унијата.

Овде нема да ги елаборираме најавите од Париз, Берлин…, коишто се неспорни, дека Унијата уште долго нема да се проширува. Поточно, дека прво треба самата да се реформира, за што ќе бидат потребни барем 10 години. И, прашање е колку и дали тоа ќе успее? Многу е тешко да се најде и најмал заеднички именител за 27-те земји членки, по било кое прашање.

Недвосмислено, театарот во Тирана токму тоа и го потврди – проширување нема да има уште долго. Директно, само белгискиот премиер јасно кажа дека нови членки нема да има уште долго, иако германскиот нагласуваше колку е важно приклучувањето на Балканот. Тоа е истата реторика на Меркел ама, на крајот, немаше ништо поконкретно околу некакво проширување. Напротив. Никој не треба да има дилеми дека новата француска методологија за преговорите е донесена со единствена цел тие максимално да се отежнат и пролонгираат и, веројатно, да се – оневозможат.

Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски на следниот линк:
https://plusinfo.mk/teshki-evropski-manipulacii/