„Пред големи искушенија ниедна важна државна одлука, што директно ја засега иднината на сите граѓани не се носи набрзина, без најширока мнозинска политичка поддршка, па и изјаснување на народот. Особено во случаи како нашиот, со мноштво нејаснотии, непознаници, дилеми и апсурди, а со очигледни историски последици. И тоа не се само фамозните Бугари во Преамбулата, како што вообичаено подметнуваат власта и нејзините кербери (митолошки суштества – триглави кучиња), туку она што доаѓа потоа. А за што никој не говори!“ – вели Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и општествено-политички аналитичар, во својата колумна со наслов „Пред историскиот амбис“. Колумната е објавена на интернет-страницата „Теодосиевски: за уметноста“.

Покрај другото, во колумната Теодосиевски пишува: Во нормалните држави е апсолутно недозволиво користењето на таквите мигови на искушение за јавно заплашување на граѓанинот со некакви санкции, исклучувања од меѓународните процеси и слични идиотизми, за што се користат дури и официјални високи претставници на други земји. Оттука, а како „нормален“ контрапроизвод, се и и ширењето теории на заговор, психозата на страв кај граѓаните и мислата за предавство, но и грижата за иднината на следните генерации.


Сето тоа е очигледно во јавноста низ разни форми (изјави, објави во општествените мрежи, колумни, анализи, есеи…. Тоа никако не значи отсуство на образование кај интелектуалната елита на земјата, како што дрско импутира еден „професор“ во капларски шинел, туку отворен сомнеж во искреноста, капацитетите на власта и нејзиниот начин на водењето на процесите!

Во сегашниов контроверзен миг за земјата – катастрофална состојба во државата, регионални и европски искушенија, глобално политичко и воено одмерување на силите – власта, и не само таа, настојчиво создава страв, безизлез, но и на чудно подаништво и покорност, играјќи на картата „мала држава“, „мал народ“, „големи сили“, геополитички случувања… и др. „Малечкоста“ на државата и народот е главна тема и на некакви и нечии чудни „аналитичари“ инсталирани да шират чувства на пораз, да заплашуваат и да се закануваат – во чие име? – и да го нарекуваат граѓанинот со секакви погрдни имиња.

Но тие и нивната задача се одамна прочитани и нивната важност за македонската јавност е ништовна. Но важен е историскиот миг и фактот дека веќе нема невини. Нема и не може да има невини поединци, групи и партии бидејќи амбисот е длабок, а паѓањето е неповратно.

Оваа земја имаше епохален влог викан 1941-1945 година. Тие години се вистинскиот современ репер за Македонија, но и за Европа, па и за светот. Македонија тогаш го даде својот прилог за Европа и за светот, уште тогаш стана членка на европското демократско семејство. Иако во тоа исто време некои сега многу гласни нови членки беа на другата страна, а некои богами и спиеа. И преспаа, чекајќи други да ги ослободуваат. Тоа мора отворено и постојано да се повторува. Ако некој треба да се срами од своето минато, тоа се баш некои од „големите“ европски фактори. Треба да ги именувам тие земји? Не мора.

Тоа што денес никој повеќе не го спомнува периодот 1941-1945 се должи на нашата глупост, но и на „работата“ на оние претходно споменати „елементи“. Оваа власт продолжи да негира сѐ што беше свето во оваа земја и за којашто илјадници луѓе ги положија животите. И се легитимираа како багра, заедно со нивните кербери, кои немаа(т) почит за ништо. Тие се срам за земјата и нивните претци.

И затоа тие денес ни велат дека сме „мали“, дека граѓанинот е глуп, хистеричен и необразован, не ја разбира меѓународната политика… итн. Заради тоа ние како мала земја сме осудени од вечноста на човековата глупост да пливаме во истиот океан со големите риби, да се гледаме себеси како граѓани-сарделички наспроти гордите, смели „китови“ во големата слика на Универзумот. Ние треба да бидеме исплашени до смрт при помислата на огромната челуст на китот или на трите реда заби во вилицата на белата ајкула. Зашто, големите ги јадат малите, нели? Зашто лага биле приказните за некаква демократија, за некакви обединети, рамноправни нации, за паролата на некогашната француска револуција…, па и за „малите“ локални пароли од времето на 1941-45, па и порано, но и подоцна, нели?

И затоа не ни е дозволено да ја мериме, на пример, „минорната“ Крушевска република, или  АСНОМ, со некои „грандиозни“ историски потфати од форматот на она liberté, égalité, fraternité (франц.: слобода, еднаквост, братство), или паролите против робовладетелството и др.? Но, зошто да не кога токму ние „малите“ учевме од нив „големите“ за човековите права, за слободата, за демократијата…? И зарем „големите“ не ги храбреа „малите“ во нивното национално будење, во нивната борба за независност? И кој беше мал, а кој голем во онаа 1941 година?!

И затоа ли локалниве геоселски демагози со нивните мали умови упорно, по задача, лаат за „анархичната природа на меѓународниот систем“ против којшто ние, „малите“, не можеме ништо да направиме, па против наша волја нѐ ставаат в кревет со слонови и горили? Токму сега ли е времето за такви „просветлувања“ на македонскиот „глупав“ граѓанин? Други нѐ споредуваат со автомобил, што мора да биде туркан одзади, за да оди зашто ние – а не власта! – сме неспособни идиоти.

Не се воопшто случајни ваквите пројави на „големиве“ македонски „експертски“ лајачи со ограничен видокруг од корист да сеат чувство на пораз, катастрофични сценарија и подаништво како единствена можност. Токму таквите веројатно седат на големите „санти лед“, ладејќи си ги задниците и се обидуваат да командуваат со јавното мислење во „малава“ земја. Забораваат дека често и малите ја прават историјата. Забораваат на 1903, и (повторно и повторно) на 1941-45 година. И (повторно): кој тогаш беше мал, а кој голем? Или и тоа беше историска грешка, како и оваа што сега се испречува пред нивните планови?

Делат и понатаму лекции за „големата слика“, во која немало принципи и норми, туку само сила и неправда. И оние „малите“ или ќе ја прифатат или – ќе ги нема?! Нивната задача, а всушност „дилема“ што треба нам да ни ја наметнат, е: изборот меѓу „просперитет и безбедност“. И, наводно, умните по правило ја бирале безбедноста. Ние зборот просперитет одамна го исфрливме од употреба, а безбедноста нели ја решивме со НАТО?! Или и тоа беше некаква белосветска розова мамка, во којашто слоновите и горилите, всушност, не ви гарантираат ништо?

Ние сега немаме дилема туку амбис нарекуван – опстанок. Не физички, зашто за кој ѓавол го менувавме името, туку духовен. И тој амбис е поопасен од челуста на китот! И впрочем, чуму ви е безбедноста, ако ве нема? Или безбедноста на слоновите и горилите гарантира поинаков опстанок, оној со заедничка историја, нови имиња, „реформирани“ учебници, „реновирани“ споменици…?

Затоа, исправени пред актуелните страотни дилеми, најмалку што треба да направиме е секојдневно да го откриваме вистинското лице на ваквите странски платеници и кукавици камуфлирани во интелектуални одежди. Без оглед што тие се обидуваат да ги наречат сите други со различно мислење „неуки интелектуалци, политичари и новинари“, тоа не е точно. И не доликува на „интелектуално образовани“ да комуницираат на таков тон. Освен ако – мораат. Но зошто би морале? Имаат долгови за отплаќање?! И кому? И за што?

Но, ако (како што онака „интелектуално образовано“ тврди еден од овие) мора да има „уставни промени под американски и европски диктат!“, од каде сега токму во неговото USA „њама Македонци и њама македонски јазик“? Та нели сме стратегиски партнери? И безбедни? И нели источниот ни сосед нема да има нови барања? И тоа ли е целта на тие уставни промени, на коишто ние мораме да се согласиме, бидејќи така денес функционира светот во локалните мали умови, бидејќи таков сега бил светскиот систем на слонови, горили и другите диви ѕверови наспроти оние „помали“ животинки?

И дали навистина од другата страна демнат руски мечки и кинески змејови, закочувања на процеси и изолации? И дали тоа треба да нѐ исплаши повеќе од огромниот потенцијален историски амбис што се отвора во непосредното источно соседство? Или всушност оваа багра се плаши дека тогаш ќе секнат европските фондови, а за некои индивидуи и личните надоместоци? Е па тоа веројатно и ќе се случи.