„Држава која дозволува соседна земја да ѝ ја диктира историјата, да ѝ ги контролира учебниците, да ѝ ги менува спомениците од НОБ…, не е и никако не може да биде Европа. Држава која си дозволува странски ‘булдожери’ да ѝ ја ‘пеглаат’ опозицијата, да ѝ  ги водат клучните – локални и меѓународни – процеси, да ‘убедуваат’ пратеници и да лажат за добробит на власта е срамна држава и не може да биде дел од Европа.“ – вели историчарот на уметноста и општествено-политички аналитичар Стево Теодосиевски во својата колумна со наслов „Ние (НЕ) сме Европа“. Колумната е објавена на интернет -страницата „Теодосиевски уметност“.

Теодосиевски пишува: Колку и да се обидува оваа власт низ „благонадежни“ кампањи како онаа „Ние сме Европа“ да го убедува мнозинството граѓани во искреноста и вистинитоста на нејзините ветви пароли, тоа е залудна работа. Ние не сме, а со таква власт никако и не можеме да бидеме Европа. Зошто? Затоа што:


Држава во којашто најраспространета и највносна активност се криминалот и корупцијата генерирани од највисоките врвови на власта не е и не може да биде дел од Европа. Држава во којашто законите не важат еднакво за сите не е и не може да биде дел од Европа;

Систем со европска придавка „хибриден режим“, во којшто владеат партиски врхушки и послушна државна и локална администрација, ама баш никако не е и не може да биде дел од Европа. Држава во која преовладува авторитарноста, а нема основна демократичност, не може воопшто да се надева на место во напредниот европски клуб. Земја којашто пропагира граѓанско а диригира двоетничко општество никако не се вклопува во европските идеи;

Систем во којшто царува тиранија на глупоста, лагата, дволичноста, неспособноста, криминалот и корупцијата не е спојлив со европскиот демократски дух. Систем во којшто партиската книшка и блискоста со криминалните партиски врхушки е единствен меродавен критериум не е и тешко дека може да се нарекува дел од Европа;

– Земја во којашто власта цели шест години е неспособна да спроведе ниту една од очекуваните структурни реформи никако не може да се стреми да биде дел од Европа. Земја во којашто соседна држава слободно отвора „културен“ клуб со името на профашистички злосторник, а на отворањето бесрамно дефилира половина влада на таа држава не е и не може да се смета за дел од Европа;  

– Држава која ги лаже граѓаните дека „Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет“ (Б. Маричиќ), односно дека ЕУ а не власта треба да им донесе подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, економски напредок, социјална правда и врвна демократија (Ковачевски), не е и не може да биде европска држава;

– Држава која склучува договори во четири очи вредни милијарда и половина евра може само да сонува дека е европска држава. Држава во којашто највисоки функционери за своите семејства купуваат државно земјиште по багателни цени не може да смета на рамноправно европско членство;

– Држава во којашто претседателот го нарекува народот „стока“ и „болен“ нема ама баш никакви шанси да стане европска држава. Држава којашто целно спроведува антипросветителство не припаѓа ни во европскиот среден век. Држава во којашто власта не си ја познава односно ја игнорира сопствената историја не е држава по европски стандарди. Ако учениците во основното образование две години по ред „учат“ без учебници, како таа земја може да мисли дека е дел од Европа?;

– Држава што води хајки против своите врвни уметници не може да пледира да биде дел од европската култура. Држава во којашто модуларни болници горат за три минути и убиваат 14 луѓе, а главен виновник е електричен кабел, не е и не може да биде држава според европски стандарди. Власт во којашто министерка за труд и социјална политика одредува со колку пари месечно можат да живеат пензионерите е незрела, некомпетентна и неевропска власт;

Европското чувство и стандарди се дел од многу луѓе во оваа земја, но не и од оваа власт, чиешто малолетно однесување и неспособност се единствен виновник за катастрофалната состојба во државата на сите „фронтови“ и особено во застојот во евроинтеграциите. Недовербата на огромното мнозинство граѓани кон неа ги прави паролите од типот „Ние сме Европа“ детска шега и локален политикантски фолклор;

Назадната врхушка Пендаровски, Ковачевски Маричиќ, Османи и сите останати „чинители“ на оваа власт се „лидери“, но не во македонската битка за ЕУ, туку во натамошната провинцијализација на земјата, нејзиното забрзано осиромашување, постојаната партизација и грабежот на државните ресурси.