Тенорот Нацоски со „Македонски песни“ на фестивал на камерна музика во Италија

Македонскиот тенор Благој Нацоски ќе се претстави со композиции од македонски автори на фестивалот на камерна музика „Траме соноре“, кој ќе се одржи од утре до 4 јуни во италијанскиот град Мантова.

„Македонски песни“ е насловен репертоарот на Нацоски со кој ќе настапи в четврток од 16:15 часот во палатата „Весковиле“.


Оперскиот пејач со блескава меѓународна кариера ќе ги изведе делата „Ленка“ од Живко Фирфов, „Молитва“ од Тодор Скаловски, „Цветови“ од Благој Цанев, „Денови“ од Александар Џамбазов, „Галебе мој“ од Трајко Прокопиев, „Марика“ од Томислав Зографски, како и три „Песни од татковината“ („Сношти минав покрај вази“, „Си заљубив едно моме“ и „Со маки сум се родил јас“) од Дарија Андовска.

Нацоски, како и македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, својата љубов кон Македонија ја манифестира и преку нејзина промоција на ваков начин, а Благој и јавно им реплицира на негатори на македонскиот идентитет како грчкиот композитор Микис Теодоракис и бугарскиот шоумен и политичар Слави Трифонов.