Телма: За софтверот, на распит Спасовски и Чулев, но не и Рашковски

Во предистрагата за софтверот на Драги Рашковски во Обвинителството за организиран криминал и корупција на распит досега биле повикани техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и актиелниот министер Оливер Спасовски, дознава Телма.

Спасовски бил на распит како сведок во средата, кога давал исказ дека МВР нема потреба за софвтерот купен од Рашковски, бидејќи сметала дека користењето на „сејф сити“ системот за сообраќајни прекршоци е спротивен на законската заштита на лични податоци. „Сејф сити“ се користел само при кривични истраги, па поради тоа немало одлука за набавка, ниту потреба од софтверот смислен и купен од ист човек, поранешниот генсек на владата Драги Рашковски.

Исказот, Спасовски го давал пред обвинителката Вилма Русковска.

Пред Русковска како сведок во четвртокотбил поканет и екс-министерот Наќе Чулев и ги кажал своите сознанија од неговиот мандат, односно дека немал информации за набавката на софтверот.

Поранешниот генерален секретар кој сега има секретарско место во кабинетот на премиерот Заев не е повикан на распит, но редовно оди на работата на Илинденска после двонеделниот одмор во Мексико.

За распит не е поканет ниту сопственикот на фирмата „Инвока груп“ во чии простории вчера полицијата вршеше претрес и одзеде документација, но и компјутери и телефони. Во тек е вештачење на одземените предмети, а претходно владата ги предала сите документи поврзани со спорната набавка на софтвер од 81 илјада евра.