Затвореникот Беким Мемети кој синоќа рани затворски полицаец на пат кон болница и избега бил осуден на затворска казна за убиство извршено во 2016-та година во тетовска Мала Речица, открива Телма.

„На 12.01.2023 г. во 23.20 ч. четворица вработени во Затворска полиција кои биле со комбе „форд транзит“ на Затворската полиција побарале помош од полициски службеници на СВР Скопје, откако, според нивната пријава, додека вршеле спровод на осуденик Б.М. , од КПУ Идризово кон Ургентен центар „Мајка Тереза“, на автопатот, осуденикот му го одзел пиштолот на возачот И.Х. (вработен во Затворска полиција), пукал и го ранил И.Х.. Потоа осуденикот избегал со патничко возило „ауди“. Повредениот вработен во Затворската полиција е пренесен во Ургентен центар за укажување лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти денеска МВР.

Мемети за убиството првично бил осуден во отсуство, а во 2020-тата година бил уапсен во Берлин во Германија по што бил екстрадиран. Му била повторена постапката во суд и повторно е осуден на долгогодишна затворска казна.

Во септември 2016-та година на улица 188 во Мала Речица имало расправика меѓу две групи при што едно лице загинало, за што бил обвинет и осуден Мемети, кој сега повторно е во бегство.

МВР тогаш објави:

Во пресметката учествувале А.Б. (33) и Б.М. (30) од една страна и Х.М. (37), М. Х. (34) и Х.К. (39) сите од Тетово. Б.М. со огнено оружје почнал да пука кон Х.М., М.Х. и Х.К.

Х.М. починал на самото место, а Х.К. и М.Х. добиле прострелни рани.