Текстилните работници кренаа глас против експлоатацијата во фабриките

Граѓани во Штип денеска денеска им дадоа поддршка на неколку стотини текстилните работници од Штип, Пробиштип и Кочани кои протестираа пред зградата на Астибо. Тие на собирот побараа подобри услови за работа, запирање на мобингот, забрана за работа во недела и празниците и покачување на платите за достоинствен живот на работниците и упатија критики кон владата дека не донесуваат закони во корист на работниците, туку на сопствениците на фабриките.

„Ако сака да се увери во експлоатацијата и во профитот што го остваруваат сопствениците, Владата нека отвори државна фабрика, па да види како изгледа тоа. Одлучни сме против обидите експлоатацијата која сега се врши во текстилната индустрија да се озакони. Енергично сме против зголемувањето на работното време и бараме државата да ги спречи неплатената прекувремена работа и работата за викендите и празниците, да има законски годишен одмор и исплата на полн К-15, а не како досега, да се исплатува регрес за годишен одмор од по 100 денари“, рекоа повеќе работници, главно жени, кои јавно говореа пред насобраните колеги.

Повод за протестот се најавите на гадите на текстилните фабрики за зголемување на работното време од 8 на 8,5 часа и за укинување на празници, за да нема дисконтинуитет во производството и фирмите да станеле конкурентни во регионот.

„За нови џипови“, „За работа на секој празник“ или „За повеќе непријавени работници“ беа само дел од саркастичните пораки со кои граѓаните на протестот изразија револт за ваквите барања на текстилните газди, кои ги нарекуваат „апсурдни“.