Сопствениците на текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер, бараат работниците во оваа индустрија да работат по 8 и пол часа, за да може паузата од половина час да им биде – платена.
Велат дека со сегашното работно време од осум часа односно од ефективни 7 и пол часа фабриките биле неконкуретни во однос на тие од регионот.
Газдите бараат и укинување на празници за да нема дисконтинуитет во производството односно работниците повеќе да работат, а за се ова како и за други барања се обратиле со писмо до министерките за труд и социјална политика и за финансии Мила Царовска и Нина Ангеловска, но и до вицепремиерот Кочо Анѓушев, дознава „Фактор“.
„…Тоа што е за паузата е навистина проблем затоа што секаде работното време е подолго, а паузите се платени. Кај нас не може ништо да се постигне со ефективни седум и пол часа работа. И плус каде, во која земја има 22 празника. Никаде“, вели Претседателката на текстилниот Кластер Маријана Перковска.
Според последните податоци во текстилната индустрија во земјава се вработени над 36.000 луѓе.