Во врска со последниот скандал објавен во италијанскиот Ла Верита околу набавката на вакцини од Кина, директорката на Транспаренси интернешнл во Македонија, Слаѓана Тасева, оценува дека сето тоа што се случува не е добро за државата.
„Сите овие информации не се добри, сите овие случувања не се добри затоа што зборуваат за еден многу неорганизиран процес за набавки на вакцини кои што се приоритетни за било кој дел од активностите на Владата и во однос на организирање внатре во владата, комуникации со меѓународни организации, комуникации со странски држави и начин на кој треба да се обезбедат тие вакцини треба да биде многу транспарентно пред се затоа што станува збор за висок интерес на граѓаните и станува збор за трошење на јавни пари“.
Тасева во своето гостување на ТВ24 јавно го постави прашањето дали и набавките на вакцини ќе се злоупотребуваат за да се оствари некаков профит.
„Во позадина се гледа и прашањето дали и набавките на вакцини ќе се злоупотребуваат за да се оствари некаков профит или интерес што апсолутно треба да се расчисти и на тоа треба да инсистираат владата и институциите да одговорат на сите овие прашања и да ни ги тргнат сите овие дилеми“, додаде Тасева
Таа ги повикува Владата и министерот Филипче уште веднаш да ги објават сите документи околу обидот за набавка на кинеските вакцини .