„Кога ќе стегне сериозна економска криза се знае што е најважно – храна да се има и огрев за зима! Го има ли тоа Македонија? Европските влади уште од март планираа и се подготвуваа како да ја пресретнат ситуацијата, да ја ублажат кризата, да ја надминат… Договараа, складираа, штедеа… И соседите ја ублажуваат кризата. Што правеше нашата Влада за тоа време? Им удоволуваше на Бугарите, се задоволуваше со ветувања и тапкање по рамо од Брисел, ги продаваше националните интереси, се задолжуваше за непродуктивни расходи и си свиркаше. Баш како приказната за штурците во лето.“ – вели новинарот Никола Тасев во својата колумна со наслов „Еј, дури и лук и кромид се увезува во Македонија“, која ја објави весникот „Скопско ехо“.
Покрај другото, Тасев пишува: „Есента само што почна, зимата ‘утре ќе дојде’, а нашите штурци се уште не сфаќаат дека сме во криза. Не треба човек да е економски експерт и да ги анализира податоците од Заводот за статистика, за да увиди дека веќе државата е во голем проблем. Доволно е да се отиде во кој било маркет, или на пазар, за да се види дека цените на храната ненормално и секојдневно растат.“
„Власта не смирува и си свирка како штурецот. Од каде им е оптимизмот? Дали премиерот го донесе од Њујорк, дали третокласните дипломати, со кои го губеше времето му ветиле нешто или пак од најавите на ресорните министри дека еве само што не сме договориле увоз на струја и гас? Или се надеваат дека овој народ се уште има сила да трпи и да преживува во сиромаштија и студени домови? А што треба да направи власта? Што требаше да направат властите досега?“
„Македонија ја хранеше речиси цела поранешна Југославија. Каде сме денес? Од производители станавме увозници на храна. Што се случува со Овче Поле, дали треба да му се промени името, оти таму веќе нема овци? Се поретки се стадата и на Шара. Во Гевгелиско наместо овоштарки никнуваат градежни објекти. Пелагонија одамна не е голема житница. Во Тиквешијата секој втор планира да го уништи лозјето. Нема есап, велат, нема реален откуп.“
„Ова се е последица на погрешниот систем на субвенции во земјоделството. Помошта што државата ја дава не нуди развој – има само фалби пред камери на министрите – манекени и богатење одредена категорија луѓе, блиски до власта, кои не се земјоделци. Напразно фрлени пари! Субвенции се потребни, но со план и стратегија. Во изминативе две децении се потрошија толку многу пари без контрола и затоа денес Македонија е зависна од увоз на храна. Да молиме кај соседите за жито. Еј, дури и лук и кромид се увезува!“
„Можноста една држава да го прехрани своето население е најголемата независност, што може да се има. Еве пример со Русија. И покрај сите санкции од голем дел од светот, општеството не е во сериозна криза за важните работи за населението. Затоа што имаат храна и имаат енергенси. Работеле кога требало да се работи. Работат и во Холандија, Полска, Словенија…“
„Можат ли нашите штурци да работат?“
Home Македонија Тасев: „ Манекените-министри ги продаваат националните интереси и си свиркаат како штурци,...