„Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари преку објава на својот фејсбук – профил посочи дека буџетските пари, што се определени за украсување на градот Гостивар по повод Новата година, ќе ги преобрази во многу посебен подарок. Сите овие пари ќе ги испрати во Центарот за аутизам, кој се гради во Гостивар и за кој се очекува дека ќе биде еден од најдобрите во регионот.“ – јави весникот на албански јазик „Лајм“.

Инаку, Таравари на фб – профилот напиша на македонски, албански и турски јазик: „Горд сум, што можам да соопштам дека буџетските пари за светлосно украсување на градот по повод новогодишните празници јас и мојот тим планираме да ги подариме таму каде што е најпотребно, во Центарот за аутизам, што се гради во градот. Верувам дека секој ќе биде согласен оти ќе го избегнеме јавното украсување за Новата година, така ќе заштедиме енергија, но над се ќе придонесеме таму каде што има повеќе потреба, како што е Центарот за аутизам.“

Во врска со овој хуман потег на градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на опозициската Алијанса на Албанците Арбен Таравари „Лајм“ искоментира: „Во овој политички покер, кој се игра последниве денови, гестот на Таравари покажува какво треба да биде политичкото однесување на оние, кои ни го водат животот.“