Таравари: Нека ме тужи Заев

Гостиварскиот градоначалник и генерален секретар на политичката партија Алијанса за Албанците, нема намера да се извини , откако изјави дека Зоран Заев нудел пари на пратеничка за да ја придобие при формирање на парламентарно мнозинство.

„Тој знае дека и јас знам. Ако ги решил другите проблеми и покрупни прашања, слободно нека ме тужи, тука сум“ изјави Арбен Таравари, пренесува ТВ21.

„Меѓутоа ќе дојде времето кога за оваа работа ќе се прозбори јавно. Бидејќи сме во хибриден режим и не сакам да вовлекувам нашите пратеници во непријатна ситуација, оваа приказна и таа тема ќе ја завршам тука. Јасно е што е направено“, изјави Арбен Таравари, генерален секретар на Алијанса за Албанците.

Таравари во телевизиско интервју обвини дека низ земјава се „шетало со куфери полни пари“ и оти пратеничка од редовите на Алијанса за Албанците добила понуда од пријатели на премиерот да премине од опозиција во владејачкото мнозинство.

По ова следеше демант од премиерот Заев и најава за тужба доколку Таравари не се извини за кажаното.