Итно формирање техничка влада,бара потпретседателот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Општина Гостивар во последниот осврт, како единствен начин за надминување на комплицираните проблеми во кои се наоѓа земјата.
„Не е доволно само да се фокусираме на проблемите. Решението се состои во два збора – техничка влада. Без партиски натпревар, затоа што ако нешто ни стана јасно досега е дека таквите натпревари се манипулираат и нема победник, туку победен. Партискиот каприц треба да излезе од врата и од ѕидовите на владините седишта и да почне да функционира кабинет кој наместо своите ќе ги полни џебовите на граѓаните“, пишува Таравари на Фејсбук.
Тој смета дека стручна интервенција е потребно во борбата со корупцијата, невработеноста, образованието, здравството и администрацијата.
Мали сме во географска смисла, но „гиганти“ во однос на корупцијата, вели Таравари.
„Економијата ќе земе здрав здив само ако соодветно се таргетираат овие пет невралгични точки, бидејќи на Македонија не ѝ недостигаат пари, туку транспарентност.
Парите на народот одат на сметка на една мала група, па така градовите имаат по 4-5 газди, а останатите се слуги или непријатели на дворот“, пишува Таравари.
Според него, техничка влада ќе мора како приоритет за излез од кризата на историските дилеми да работи на усогласување на владиниот и ЕУ-календарот и во неа да членуваат експерти од нивните области без политички врски.
„Сега е време на сите оние дами и господа кои се истакнаа во аулите на домашните и меѓународните универзитети, кои си ја сакаат земјата и народот, да дојдат до израз. Сега е време да владеат експерти“, заклучува Таравари.
