Таравари: Ќе беше подобро да сме заедно со Алтернатива и заедно да се бориме против ДУИ

Откако Заев и Гаши се договорија, што предизвика многу реакции во јавноста, се огласи и генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 рече дека му е тешко што нивниот досегашен коалициски партнер Алтернатива станала дел од Владата и дека ќе било подобро да биле заедно.

„Жал ми е. Имавме супер соработка со Алтернатива. Ако ме прашате дали ми е тешко што не сме веќе заедно, ќе кажам ’да‘, тешко ми е. И жал ми е што е така. Ќе беше подобро да бевме заедно, да имавме 12 пратеници и заедно да се бориме да ги симнеме ДУИ од Владата. Но тоа е одлука на Алтернатива. Нека продолжат така. Нека им е со среќа“, рече Таравари.

Тој исто така коментираше и дека сега кога Алтернатива, со која настапуваа како опозициска коалиција и на последните локални избори, влегува во централната власт, Алијанса за Албанците треба да ги добие директорските места на локално ниво во Скопје, каде победи Данела Арсовска, поддржана од нивата коалиција и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Алтернатива се сега дел од централната власт. Тие ќе раководат со сериозни ресори и директорски позиции. Што се однесува до директорските места на локално ниво во Скопје, сметам и мислам дека треба да припаднат на Алијанса за Албанците. Но, да почекаме уште малку. Се надевам дека ќе имаме преговори наредните денови и ќе решиме што понатаму“, рече Таравари во „Клик плус“.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев го соопштија договорот што го постигнале за влез на партијата во владејачката коалиција.