Талески за стартот на ЕП пред 53 илјади гледачи: Огромна работа за мала земја како Македонија

Филип Талески, кој со своите 27 години е „ветеран“ во младиот состав на селекторот Кирил Лазаров, со нетрпение го очекува отворањето на Европското првенство за ракометари во Германија утре од 18 часот пред 53 илјади гледачи на затворениот фудбалски стадион „Меркур шпил арена“ во Диселдорф против олимпискиот шампион Франција.

„Знам дека ова може да биде искуство еднаш во животот и ќе се обидам да уживам во него колку што е можно повеќе“, изјави левиот бек на Бенфика за вебстраницата на ЕХФ. „Ова е празник за нас, ова е наше време да блеснеме и да се претставиме во најдобро светло пред целиот ракометен свет. За мала земја како Македонија огромна работа е да се биде во центарот на вниманието на тој начин“.

За групата во која се уште домаќинот Германија и Швајцарија, со кои „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите во Берлин, а од која само двете првопласирани селекции ќе продолжат понатаму, Талески со мислење: „Ова е по малку група на смртта, од наша гледна точка. Франција за мене е најдобриот тим во светот. Целата работа, играњето против Франција на стадион, ќе биде едно неверојатно искуство за нашата млада репрезентација. Ќе пораснеме многу и се надевам дека ќе им попречиме“.

Што би претставувало успех за македонскиот тим на ЕП според Талески?

„Тешко е да се каже. Одиме чекор по чекор и не размислуваме за ништо освен за првиот натпревар во моментов. Воведниот меч ќе биде голем момент за целата земја и во моментов сакам да се фокусирам само на тоа“, заклучува ракометарот од кој Лазаров бара да биде лидер на репрезентацијата.

За крушевчанецот ова ќе биде петто ЕП во низа по неговото деби на еврошампионатите во 2016 година.