Филип Талески со „проектил“ во последните секунди го реши финалето на 29. Куп на Македонија во ракомет, донесувајќи му го 15. трофеј на Вардар, кој со голем пресврт во второто полувреме славеше над Еурофарм Пелистер со 23:22.
Бранителот на пехарот имаше водство од 8:4 по 18 минути игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци, но до крајот на полувремето битолчани со серија од 8:0 заминаа на одморот со предност од 12:8.
Налетот на пелистерци траеше до средината на вториот дел, кога имаа максимални 18:13, но повредата на Јосип Периќ во 39. минута се покажа клучна, иако „моторот“ на „зелено-белите“ се врати во игра и поткривнувајќи одигра докрај.
Но, токму капитенот ја направи грешката што му овозможи на Вардар да тргне во напад за победа, кој го реализира Талески, најефикасниот играч на средбата со 6 гола и носител на признанието за најдобар ракометар на завршниот турнир.