Нека намалат „доживљај“ советниците за пиар на премиерот на „Северна“, оти од него ниту било ниту па некогаш ќе биде тоа што пробуваат да ѝ го претстават на јавноста. Од маче не станува мачо, колку и да се мачат.

Демек, Димитар Ковачевски под уцени и притисоци не функционирал?! Хахахаха! Виц на денот. И тоа вторпат за кратко време го кажува, а не беше смешен ни првиот пат. Напротив.

Виде летоска македонската јавност, а богами и бугарската, но и европската, како Таче (не) функционира под уцени и притисоци. Отпрвин глумеше тврдокорност во однос на францускиот/бугарскиот предлог, замислувајќи се како Тито кога му рекол „њет“ на Сталин во 1948 година, за само неколку дена подоцна да го прифати од точка до запирка истото тоа, како што потврди амбасадорката на Франција во Софија.

И сега истово „јуначиште“ ѝ се сили на БЕСА дека не прифаќал условување на поддршката за уставните измени со предвремени избори, инсистирајќи дека тие ќе се одржеле во редовниот термин во 2024 година. Исто како што на приватните автобуски превозници од Скопје пред две недели им порача дека не преговарал под уцена и притисок.

Море, мажиште! Да не ти се верува во каков ѕвер знаело да се престори она маче што предеше додека понизно го витка рбетот и ја наведнува главата за да му се заблагодари на несудениот муртински нобеловец кога го октроираше во сопствен наследник и во седесето, и во Владата. Или кога Рама, познат по својата исчашена смисла за хумор, ги понижи и него, и Македонија, претставувајќи му го Ковачевски на германскиот канцелар Шолц како премиер на идната Западна Бугарија, а тој се церекаше како „зелен“?!

Трансформациите на до неодамна безмалку анонимниот заменик-министер за финансии преку ноќ востоличен во претседател на Владата, посебно обидите да се претстави како човек од народот, не поминуваат кај истиот тој народ, колку тостови и да изеде во сендвичарница или да руча со студентите во нивната менза. Што мислат граѓаните за него недвосмислено покажа најновата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), според која тој ужива доверба од цели 5 проценти, а дури 58 отсто од анкетираните сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока, предводена токму од неговата влада.

За имиџ на народен човек треба прво да си избран од народот. А не да те црпне несреќана што пред камера, со рачето на срце, се колнеше во жицата македонска дека, додека го диши овој македонски воздух, нема да го смени името. За набргу потоа да го стори токму тоа и потем бесрамно да лаже дека го зацементирал идентитетот.

Може Таче да пробува колку сака да го имитира дури и Путин, возејќи по новата делница од „дури“ 13 километри од Крупиште до Кочани во стилот на претседателот на Русија по обновената страна на Кримскиот мост неодамна – попусто. Сè што прави за да ѝ се додвори на јавноста додека државата пука по сите шевови од неспособноста, јавашлакот, корумпираноста и аздисаноста на неговите избраници во извршната власт може да биде доволно само за „златна малина“, панданот на Оскар, но за лоша глума.