СЗО: Нездраво е да се биде болен во Македонија

СЗО ја објави првата сеопфатна анализа за финансиската заштита во здравствениот систем на Македонија во која се вели дека шест отсто од населението во земјата во 2018 имало катастрофалните трошоци за приватно лекување, пренесува Фактор.

Во Извештајот „Дали луѓето можат да си дозволат да платат за здравствена заштита? Нови докази за финансиската заштита во Северна Македонија“ се вели дека над 6% од домаќинствата во Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита).

Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.

„Финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа“, се вели во констатацијата на извештајот.

„Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата. Сепак, наодите од извештајот покажуваат дека овие теми заслужуваат повеќе внимание во заложбите на Северна Македонија да создаде подобар систем од оној пред кризата“, рече д-р Џихан Тавила, претставникот на СЗО во Македонија.

Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија:

·  да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување,

·  да се направат лековите  подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и

·  да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина.

Во извештајот се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.