До 23 милиони луѓе би можеле да бидат загрозени од силниот земјотрес во кој загинаа илјадници луѓе во Турција и Сирија, предупреди Светската здравствена организација.
„… потенцијално 23 милиони луѓе се загрозени, вклучително и околу 5 милиони ранливи групи на население“, изјави главниот офицер за итни случаи на СЗО, Аделхајд Марчанг, пред Извршниот комитет на здравствената агенција на ОН, пренесува „France 24“
Спасувачите во Турција и Сирија се борат со екстремно студеното време, со последователните потреси и со зградите кои се уриваат додека се трага по преживеаните затрупани во земјотресот во кој загинаа повеќе од 5.000 луѓе.
Зимската снежна бура ги покри главните патишта во областа со мраз и снег.
Властите соопштија дека три главни аеродроми не се во функција, што ја отежнува испораката на итната помош.
Голем дел од областа погодена од земјотресот во северна Сирија веќе е уништена од повеќегодишна војна и воздушни бомбардирања од сириските и руските сили кои уништија домови, болници и клиники.
Властите превентивно го исклучија природниот гас и електричната енергија за целиот регион, а исто така ги затворија училиштата на две недели.
Агенцијата за култура на ОН, УНЕСКО, изрази стравување од сериозни штети во два града вклучени во листата на нејзиното културно наследство – Алепо во Сирија и Дијарбакир во Турција.
Турција се наоѓа во една од најактивните земјотресни зони во светот.
Последниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала беше во 1939 година, кога загинаа 33.000 луѓе во источната провинција Ерзинџан.
Во 1999 година, турскиот регион Дузче претрпе земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала во кој загинаа над 17.000 луѓе.
Експертите долго време предупредуваат дека силен земјотрес може да го опустоши Истанбул, метропола со 16 милиони луѓе исполнета со урнати куќи.
