Спектакуларно деби на Кирил Лазаров како селектор на Македонија, која го урна светскиот шампион Данска со 33:29 во Скопје во квалификациите за Европското ракометно првенство!

Со максимални 6 бода од досегашните три кола, „црвено-жолтите“ сега се лидери во седмата група, оставајќи ја зад себе Данска, а со една нога веќе се и на ЕП!

Првиот триумф на македонските ракометни херои во шестиот меѓусебен дуел со Данците го навести првото резултатско издвојување од 12:8 во 21. минута, а четири гола разлика беше и на полувреме од мечот во арената „Борис Трајковски“ – 17:13.

Највисоката предност Македонија ја достигна во 44. минута, кога водеше со 25:17 (!), а најдобрата ракометна селекција на денешницата ја откажа Лазаров со последниот гол на средбата во почетокот на последната минута.

Никола Митревски блескаше на македонскиот гол со 13 успешни интервенции, а најефикасни беа Манасков, Кузмановски и Талески со по 5 гола. Лазаров и Стоилов запреа на по 4, по 3 постигнаа Велковски и повратникот по три години Миркуловски, а по два Пешевски и Георгиевски.

Прв стрелец на средбата со 11 погодоци беше Микел Хансен, чија репрезентација конечна падна на колена пред Македонија, која дочека да наплати за ЕП 2012 во Србија, кога три секунди до крајот во Белград имаше реми и напад, а загуби.

„Казнената експедиција“ на Николај Јакобсен си оди од Скопје со наведната глава во својот прв официјален настап по јануарското Светско првенство во Египет, кога олимпискиот шампион ја одбрани планетарната титула.