Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, рече дека прогнозите за светската економија „значително се влошија“ од април, додавајќи дека со оглед на зголемениот ризик, таа не може да ја исклучи глобалната рецесија следната година.

Георгиева рече дека во наредните недели ММФ по трет пат годинава ќе ја намали прогнозата за економски раст за 2022 година, додавајќи дека економистите на ММФ се уште ги финализираат новите бројки. Се очекува ММФ да објави нова прогноза за 2022 и 2023 година на на крајот на јули, откако во април ја намали прогнозата за раст за речиси цел процентен поен.

„Изгледите значително се влошија од нашата последна проценка во април“, рече таа за Ројтерс, наведувајќи го проширувањето на глобалната инфлација, остриот пораст на каматните стапки, забавувањето на кинескиот економски раст и ескалацијата на санкциите поврзани со руската војна во Украина.

„Се наоѓаме во многу турбулентни води“, додаде таа.

На прашањето дали може да ја исклучи можноста за глобална рецесија, таа одговори дека „опасноста сега е толку голема што не можеме да ја исклучиме“. Оваа година ќе биде тешка, додаде таа, но може да биде уште потешко во 2023 година.