Светол пат до вечноста Лефтер – Пишува Роберт Димитриевски

„Здраво селекторе“

„Одамна не сум селектор“

„Еднаш селектор, цел живот селектор“

Вака му се обраќав секојпат кога ќе се сретневме, а тој со насмевка ќе ме отпоздравеше. Триесет години разлика меѓу нас не беше пречка за обострана почит. Напротив.

Оттаму и тагата што македонскиот (современ) ракомет денеска остана без еден од своите основоположници, Лефтер Бошковски. На 81 година ја загуби битката со болеста, но одамна ја имаше добиено таа со симпатиите од ракометниот свет, вклучувајќи нè и нас новинарите.

Животот нè спои во сега веќе далечната 1998 година, на моето прво службено патување како известувач на весникот „Дневник“ од гостувањето на фудбалерите на Слога Југомагнат кај Оцелул Галаци во Романија во квалификациите за Купот на УЕФА. Беше ангажиран од клубот од Чаир како преведувач од романски и се однесуваше речиси татковски кон тогашниот почетник во спортското новинарство.

Подоцна уште почесто се среќававме благодарејќи на моето известување за „Утрински весник“ од настапите на женската сениорска ракометна репрезентација, со која како селектор освои две осми места – на Светското првенство 1999 во Норвешка и Данска и на Европското 2000 во Романија. Во интерес на националниот тим, кога Ракометната федерација на Македонија и Кометал Ѓорче Петров буквално „војуваа“ кој да го води, прифати тоа да го прави помошникот Јосиф Петковиќ, а самиот на еден меч седеше на трибина! И никогаш никому не се пожали за тоа, објаснувајќи ми дека не се важни ни тој, ни тогашниот тренер на ѓорчепетровки, туку Македонија.

Од ЕП во Романија ќе се памети и анегдотата од една од прес-конференциите на која, прашан од романските новинари кој е фаворит за златниот медал, како од пушка им одговори Романија и – СССР?! Девет години по неговиот распад! А мислеше, се разбира, на Русија, слатко смеејќи се и тој и сите во салата кога го поправија.

На клупски план, бил тренер на Политехника Галаци, Вардар, Кометал ЃП, Работнички, како и на младинските колективи Алушовски, КЛ7. Ќе остане запишан и како освојувач на првиот трофеј на премиерното издание на струшкиот турнир, како тренер на Вардар. Основач на ЖРК Олимпик. Благодарејќи на врските со Романската ракометна федерација, во Кометал ЃП ги доведе Луминица Дину и Нарциса Лекушану.

Педагог во вистинска смисла на зборот. Со диплома од кај проф. Јоан Германеску во Романија, каде што магистрирал на Факултетот за спорт и физичка култура, а бил и професор во скопската гимназија „Георги Димитров“. Автор на книгите „Ракомет“, „Тренинг за почетници“ и „Контранапад: Програма со вежби“.

Човек од спортот и за спортот, популарниот Боскос создаде плејада македонски ракометар(к)и, самиот нагласувајќи дека најголема награда за него е ако некој од нив стане репрезентативец. Со ракометот ги „зарази“ и синот Андон Бошковски, кој му асистираше на Звонко Шундовски во најголемиот успех на Македонија – петтото место на ЕП 2002 во Србија, a дел од Стручниот штаб беше и на мундијалите во 2009 и во 2013 година. Има водено редица македонски клубови, моментно е на клупата на Вучитрн од Косово и тренер по ракомет во државната Спортска академија во Скопје. Со ракомет се занимаваше и лефтеровата ќерка Дина.

Роден во Егејска Македонија, Лефтер Бошковски на осум години е однесен во Романија, каде што завршил основно училиште на грчки јазик, а потоа факултет и магистратура на романски, два јазика што ги зборуваше дури и подобро од мајчиниот македонски, како што на шега знаеше да каже. Во 1972 година доаѓа во Македонија и останува да живее и да работи тука, одбивајќи многу тренерски понуди за во странство.

Чест и привилегија беше да се познава Селекторот. Вечна слава!

(Фото: 24ракомет.мк)