Светата крава од Мала Речица – Пишува Роберт Димитриевски

Апсолутно не се во право сите што скокнаа како попарени од споменувањето на Демократската унија за интеграција во учебникот по албански јазик за петто одделение. Напротив. За таква величина на македонската политичка сцена, премалку е што е наведена само како пример за кратенка. Требало и морало на партијата на Али Ахмети да ѝ се посвети барем една лекција, ако не и цела глава од учебникот. Како поука за основците што сè е способна да (не) направи политичка групација на власт во 18 од последните 20 години, колку што постои.

Кој друг може да се пофали со кристално чисто досие во толку долг период, во кој ама баш никој од партијата од Мала Речица не одговарал за корупција ни на локално, а камоли на државно ниво? А бе какво интегрирање на милиони евра државни пари во приватни џебови, какви бакрачи! Ај нека извади некој црно на бело дека им лепеле прстите додека ја чуваат теглата со заедничкиот мед. Има да го снема додека си рекол – ДУИ. Оти таму сите до еден се со чисти раце, чесни кадри небаре чесни сестри. Чесен титов пионерски збор…

Извадил ли некој друг цела плејада интелектуални грамади од калибарот на Артан Груби, на пример, кој прво докторира во размената на аргументите на силата наместо силата на аргументите во „јавната дебата“ со „Комитите“ на Кале, па се вивна во самиот врв на извршната власт како прв вицепремиер? Или како вистинскиот доктор Бујар Османи, по чие шефување со дипломатијата Македонците ќе треба да слават ако им остане барем почетната буква од идентитетот? Да не правиме муабет за министерот за образование, доктор Јетон Шаќири, генијалец што станал професор на само 21 година, за сега да се малтретира со печатење на некакви си учебници со брзина на полжав, наместо да предава на Сорбона, на пример.

Дури и лидерот, оној што македонската јавност во невралгичната 2001 година го запозна со книга в рака, го потврди својот интелектуален капацитет со „тапија“ за доктор. Засега додуша само почесен, ама по уште едно 18 години на власт кој гарантира дека нема да стане и доктор со сите нишани? Па, и да оперира во хируршка сала, ако затреба, не дај Боже. Зошто не еднаш се покажало дека, кога станува збор за ДУИ, само небото е лимит…

Унијава на доктор Али плаче за изучување на училиште и поради преобразбата од терористичка организација – Ослободителна национална армија (ОНА) – во политичка партија. Не дека е единствен таков пример, да речеме Шин Фејн како политичко крило на Ирската републиканска армија (ИРА), но учките што ги заменија воените униформи со одела и вратоврски отидоа чекор понапред. Па, интегрираа армија клиентелисти во јавната администрација што во замена за работното место им го даваат својот глас на сите можни избори, со што за нив нема зима ни при изборно соочување в лето или напролет. За тоа се доктори какви што нема на планетата Земја. Ма, во едно Вевчани, каде што не живее ниту еден Албанец, освоиле 73 отсто од гласовите на последните парламентарни избори, како што стоеше на вебстраницата на Државната изборна комисија пред наводниот хакерски напад.

Сите набројани „успеси“ се само дел од „квалитетите“ на ДУИ, но и недвосмислен показател дека таа заслужува многу повеќе од една бедна кратенка во учебник. Море, цел учебник не е доволен за политичкиот субјект со статус на своевидна света крава во Македонија, на која, според тоа колку е заштитена, можат да ѝ позавидат и оние во Индија.