„Свеста и чувството на Македонецот повисоко од се’ друго“ – пишува Свето Тоевски

На денот на погибието на Крсте Мисирков во колумна со наслов „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов“ која е цитат од Мисирков авторот Свето Тоевски се осврнува на Македонија и Македонизмот речиси сто години по смртта на великанот:

Денес се навршуваат 95 години од смртта на Крсте Петков Мисирков, основоположникот на современиот македонизам, на човекот што го напиша знаменитото дело „За Македонцките работи“, во кое ќе каже дека „верата и iазикот, тоа сет душата на iеден народ“. Македонскиот јазик е душата на македонскиот народ и во светлината на оваа едноставна, но и генијална мисла на Мисирков може јасно да се согледа зошто од многу поодамна во Бугарија и Грција жестоко се удира токму врз јазикот, кој го говори македонскиот народ.

Во „За македонцките работи“ Мисирков за мајчиниот јазик на својот народ има напишано: „…iазикот на iеден народ iет негоо дуовно богатство и наследство… Да сочуат некоi своiот народен iазик и да го бранит као светиiн’а, значит, да останит он верен на дуот на своiите предедовци и да уважаат се, шчо имаат они напраено за своiето потомство Да се откажит чоек от своiо народен iазик значит, да се откажит он и од народниiот дух. … Ниiе сме должни да милуаме нашиiот iазик, зашчо тоi iет наш, исто така, као шчо ни iет наша таткоината ни.“

Крсте Петков Мисирков е роден во ноември 1874 година во селото Постол, Ениџевардарско во Егејска Македонија, недалеку од античката македонска престолнина Пела. Но, „Преспанскиот договор“ се обидува да го ампутира од македонската национална историја и од македонската етничка географија фактот дека Ениџевардарско и неговите домородни жители – Македонци биле составен дел на компактната македонска етнојазична територија пред таа да биде распарчена и приграбена од „добрите соседи“ во 1913 година. Со други зборови, „преспански“ апсурд: Мисирков, вистинскиот кодификатор на современиот македонски јазик „не е роден“ во Македонија, ниту е Македонец, оти тој дел на Грција, наводно, никогаш не претставувал дел од Македонија, населен со Македонци.
Мисирков е македонски јазичар, историчар, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво, аналитичар на национално-политичките проблеми на Македонците.

Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија и раководител на ТМОК.

Покрај книгата „За македонцките работи“, Крсте Мисирков пишувал и во списанието „Вардар“ и има објавено голем број на научни статии објавени во различни весници. Во една од тие статии – „Самоопределението на Македонците“, објавена на 25.3.1925 година, Мисирков искажува ставови, кои мораат да ги имаат предвид секој член на Комисијата за историски прашања, што преговара за „заедничката историја“, и секој кој што Македонија и ја „продава“ на Бугарија заради интеграцијата во ЕУ, но која е поверојатно оти попрво ќе се распадне пред Македонија да влезе во неа.

Во „Самоопределението на Македонците“ Мисирков нагласува: „…да им кажеме и на Србите и на Бугарите: заборавете ја својата великосрпска и великобугарска идеја, откажете се да ни го натрапувате вашиот национализам и патриотизам, во основата на кој лежи претпочитувањето на вашите интереси пред нашите. Дајте ни да си имаме свои, македонски национални чувства и да создаваме македонска култура, како што сме го правеле тоа со векови и кога нашата татковина не влегувала во една држава со вашата.

Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.“

Во посебен дел од оваа маркантна статија Мисирков се задржува и на грчкиот однос кон македонската нација во еден долг временски период: „Македонија денеска е распокината, Грците успеаја да и’ ги земат најдобрите делови, да го испадат оттаму македонското население и да го заменат со азијатски дошлаци… Со Грците ние ќе се бориме, зашто се единствените наши вековни историски непријатели. Целата наша македонска национална историја е полна со борби против Грците. … Грците ни го убиваа националниот дух и не’ денационализираа. Тие и денеска не’ гонат од родните пепелишта и следствено не’ потсетуваат за нашиот стар историски долг да ги изгониме неканетите гости од нашите дедовски, предедовски земји.“

Покрај авторската дејност, Крсте Мисирков се занимавал и со превод на книжевни дела и собирање народни творби. во 1895 година. Во ова училиште Мисирков основал ученичка дружина и ја нарекол „Вардар“, со своја програма. Членовите на дружината во извесна смисла ја продолжиле идејата на т.н. „Лозари“. Тоа за Мисирков претставувало почеток на организирана национално-политичка активност, која ќе продолжи околу 30 години.

Во 1902 година било основано и Македонското студентско другарство во руската престолнина. Во организирањето на ова друштво значаен придонес дал и самиот Мисирков. Само една година подоцна ова научно-литературно другарство било преименувано и оттогаш дејствувало како Македонско научно-литературно друштво „Свети Климент“. Членовите на ова другарство испраќале од своите редовни седници барања пред сè до руската влада, па и до владите на другите европски држави, да се признае правото на македонскиот народ на самостојност, да му се признае правото на литературен јазик, како и правото за обновување на Охридската архиепископија.
Во Русија развил широка активност, пред сè публицистичка, работејќи над текстовите од својата книга, на која и дал наслов „За македонцките работи“, како и над некои ракописи за учебници.

Со цел да ја публикува својата книга, Мисирков заминал во Софија. Тогаш Бугарија и Србија се договараат за поделба на сферите за дејство на своите пропаганди во Македонија. Мисирков се вратил во Софија со надеж да ја подигне од печатницата својата нова книга. Но, За македонцките работи“ му била откупена од бугарските влсти и изгорена. Од изданието се зачувале само мал број на примероци.

По таквиот настан организиран од бугарската пропагандистичка машинерија, уследил организиран напад врз Мисирков. На 26 јули 1926 година Мисирков починува во Софија, откако тешко се разболел и бил погребан на тамошните гробишта.
Овој велик Македонец останува засегогаш во колективното помнење на македонскиот народ поради сето она што го направи за него.

Засекогаш остануваат врежани особено неговите зборови од статијата „Самоопределението на Македонците“: „Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од се’ друго на светов…. Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам…“

Мисирков ги задолжи Македонците да продолжат онаму каде што тој запре со неговите „За македонцките работи“ поради својата смрт. Но, во оваа 95-та година од смртта на големиот Македонец од Ениџевардарско секаква пасивност и примиреност со постапките за уништување на македонизмот, за бетонирање на „северномакедонскиот јазик“ и „северномакедонскиот идентитет“, се всушност, откажување од завештанието на Мисирков – Македонците да се изборат за свој самостоен живот како Македонци, засебни и различни од Бугарите и Грците и Србите, со право за развивање своја култура и за слободна употреба на својот македонски јазик, како дел од народите на Балканот и Европа.