Сувото дрво на Македонците и мачниот привид на нацијата – пишува Митко Б. Панов

Македонскиот народ и македонската нација се по многу нешта уникатни.
Македонскиот народ е единствениот конститутивен народ на една независна, суверена и унитарна држава, кому во 21 век му е забрането официјално да ја именува нацијата со придавката која произлегува од името со кое е создадена државата.

Народ, кој е лишен од правото да ја користи придавката македонски при воспоставувањето на легалниот линк со сопствената држава. Народ, чиишто национални институции повеќе не може да ги идентификува како македонски, исто како и својата држава.

Нација на која ѝ е избришан од Уставот „зборот Македонија“ и заменет со „Северна Македонија“ (амандман XXXIII).
Нација, на која и е оневозможено да се идентификува како македонска, дури и во релација со сопствената држава.

Нација, без име и без придавка!
Нација, која е изгубена во официјалниот превод на македонски јазик во билатералниот договор со Грција (што станува меѓународна практика) – каде македонска нација не постои, како што не постои ниту терминот националност; каде англискиот Macedonian не се преведува како Македонец.

Единствена нација во светот, во чијашто лична карта на ООН (UNTERM – терминолошка база на податоци), ѝ се oдзема било каква можност за употреба на придавка при идентификувањето на „државата, нејзините официјални органи и други јавни ентитети, како и приватни ентитети и учесници кои се поврзани со државата и уживаат финансиска поддршка од државата за активностите надвор“.
Нација, која со уставните измени, во сите наведени случаи има право да го користи единствено новото официјално име на државата „Република Северна Македонија“ или „Северна Македонија“, но не и придавката македонски.

Единствена нација, која нема придавка со која би се идентификувала.
Нација, која повеќе не може да ја користи ознаката Македонци за да се идентификува и да ја идентификуваат.

Безимена нација, која е сведена на демоним, бидејќи косата црта „ / граѓани на Република Северна Македонија“ станува нераздвоен дел од идентитетот. Во забелешката на официјалниот француски превод на личната карта во OОН, тоа е експлицитно нотирано: „овој демоним (ce gentilé) мора да се репродуцира на начинот на кој што е наведен, што ја вклучува и косата црта“.

Нација, чиешто државјанство/граѓанство (citizenship) „на Република Северна Македонија“ станува единствено релевантно, наспроти националноста (nationality). Каде ознаката „македонско“ нема значење на придавка со која се дефинира националноста, односно припадноста кон нацијата.

Нација, со коса црта!
Нација, коja нема име, нема придавка и чија идентитетска ознака е сведена на „граѓани на Република Северна Македонија“.

Нација, со која граѓаните не можат да се идентификуваат.

Уникатна нација, која единствена во светот не може да користи придавка за означување на сопствените национални симболи, на државните институции, на Владата, Претседателот, Собранието, армијата, полицијата, операта, музеите … – кои официјално смеат да се идентификуваат исклучиво како „на Република Северна Македонија“, но не и како македонски.

Единствена нација, чиешто политичко раководство користи симболи, наместо името на нацијата.

Затоа, пак, е народ кому му е дозволено да ја користи придавката македонски кога ќе сака да си ги означува јадењата, пиењата, музиката, културата, историјата, економијата. Но, и тоа му е ограничено само за по дома, бидејќи е забрането придавката македонски да се поврзува со нацијата и државата.
Единствена држава, чијшто конститутивен народ не може да се поврзе именски и идентитетски со нацијата.

Единствена држава, каде граѓаните не можат да се поврзат и да ја декларираат припадноста кон нацијата, бидејќи нацијата нема име, ниту придавка.
Нација, кадешто Македонци повеќе не претставува идентитетска ознака за нацијата. Каде сѐ што е финансирано од државата и има релација со неа, не смее да ја содржи придавката македонски/а/о, односно не може воопшто да содржи придавка.

Нација, чиишто претставници во светот официјално не можат да се себе-идентификуваат како македонски, туку како „на … “.

Непризнаена нација!

Народ, чијашто посебност се негира, само затоа што единствен во светот се идентификува со името Македонија.
Народ, кому му е оспорен сопствениот јазик, само затоа што го именува како македонски. Уникатен народ, кому му е негирано дека говори свој македонски јазик, посебен од другите јазици.
Народ, кому му се кажува дека неговиот јазик не е негов, не е македонски, туку е нечиј друг јазик.

Народ, чијашто историја е оспорена само затоа што е македонска, а со тоа посебна од другите.

Народ, чијашто национална историја и колективна меморија е предмет на преговори на меѓудржавни комисии. Комисии, чиишто членови прифаќаат официјално да им биде забрането да се само-идентификуваат како македонски, а притоа договараат дали воопшто може да има македонска национална историја, односно кој дел од историјата треба да им се отстапи на другите нации и како таквa да ja изучуваат идните генерации.
Народ, кому му се наложува да нема свои учебници по историја, бидејќи самиот треба да си ја промени свеста за својата припадност и идентитет.

Народ, кој е уценет да се откаже од сувереното меѓународно право на сопствен национален наратив, само затоа што други нации претендираат да ја присвојат и поделат помеѓу себе историјата на Македонија.

Народ, кому му е оспорено да има своја национална историја, само затоа што таа е македонска.

Народ, на кој му се негира сувереното право на културно-историското наследство, дури и на територијата на која опстојувал и опстојува.

Народ, кому му е оспорено да има свое малцинство во други држави, бидејќи е македонско.

Единствен народ, кому му е наметнато нерешено прашање („македонско прашање“), чиешто финално решение ќе значи и негов крај.

Народ, кому јавно му порачуваат дека македонизмот треба да биде убиен, само затоа што тоа претставува израз на историската и културна посебност од другите народи и нации.

Народ, кој е доведен во состојба секој да може да го оспорува, негира и омаловажува, подеднакво однадвор и однатре.

Единствен народ, чијшто патриотизам, се каратеризира како национализам.
Народ, кој единствен не може да има свои митови и национални херои, бидејќи други нации бараат да се откаже од нив за тие да ги присвојат.

Народ, кому јавно му кажуваат дека е добро што неговите историчари како гласници на македонизмот се починати, само затоа што пишувале македонска историја и македонски учебници.

Народ, кому му порачуваат дека историјата на Македонија не е негова.
Народ, кому му кажуваат дека градот Охрид не е негов, бидејќи е во Македонија.

Народ, кому му велат дека Македонија не е негова, бидејќи не е македонска.
Народ, кому му се закануваат дека го чека ужасен крај, бидејќи некој друг сака да ја поседува неговата Македонија.
Народ, кому му се наложува самиот да прифати дека бил во заблуда дека постои. Да прифати дека не е тоа што е. Да декларира дека неговите предци не биле тоа што биле.

Да прифати дека идните генерации нема да бидат тоа што е народот сега; да учат дека нивните родители не биле тоа што се тие.

Народ, кој е условен да прифати дека во минатото не бил македонски.
Народ, од кого се очекува да се согласи дека Македонија не била и не е македонска, бидејќи само така ќе стане и негова, односно заедничка.

Народ, кој е уценет да прифати да биде де-македонизиран и да исчезне историски. Повеќе да не постои, само затоа што некој сака да стави крај на македонизмот.

А, откако ќе му биде убиен македонизмот, народот ќе може да ја осознае новата реалност на непостоењето. И како аморфна маса ќе може да се прелее и претопи меѓу граѓанството на „Република Северна Македонија“.

Така, новоосвестениот народ ќе си има нова нација, без име, без придавка, без минато, со забетониран идентитет. Новата реалност и идентитет веднаш ќе му бидат признаени, што широко ќе ги отвори портите на ЕУ. А таму, како новоосознаено граѓанство, ќе може конечно да ги согледа вистинските европски вредности и демократски принципи, уживајќи во леснотијата на своето непостоење.

Како сувото дрво на Блаже Конески, на народот ќе му остане привидот дека корените му се живи, дека неговиот македонски јазик громко шуми ширум ЕУ, дека е свој на своето, во својата Македонија.

„Нему само му се чини
дека и тоа шуми
меѓу сите дрвја во коријата
кога ветрот ќе задува
и тие од корен јачат.

Потребна му е голема мудрост
да сфати дека не е така
и дека само привиди го мачат“ (Блаже Конески, Суво дрво).

А доколку наместо привидот мачен, Македонецот го избере реалниот македонски дијалог со самиот себе, сепак ќе може да каже:

„Но сепак сѐ зависи од мене!
Јас сум, види, чувар на својата гордост,
и не очекувај да се помирам
со бесмислената ништожност“ (Блаже Конески, Внатрешен дијалог)

Насоките на внатрешниот македонски дијалог веќе ги дефинираше и ги трасираше претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во „Постисторијата на Македонија во четири чекори“, објавена во Нова Македонија на 21.03.2021.

Од самите Македонци зависи дали ќе се помират со бесмислената ништожност. Или, како чувари на својата и на гордоста на нацијата, ќе го отфрлат мачниот привид и преку македонскиот дијалог ќе се обединат во одбраната на македонизмот – со што ќе си ги задржат корените, ќе останат свои на своето, во својата вековита Македонија!

Само така ќе може да се обединат сите македонски граѓани без оглед на етничката припадност. Единствено така ќе се обедини нацијата, што ќе и даде смисла на постоењето! Што ќе ја направи одржлива, бидејќи е единствена!

Тоа најдобро го демонстрираа нашите фудбалери, обединувајќи се околу името Македонија, со што ја направија горда нивната нација. Бидејќи таа е единствената нација која ја имаат, која ја претставуваат и во чиешто име заеднички извојуваат победи и споделуваат порази. Нивната и на сите граѓани, нашата уникатна нација македонска!

проф. д-р Митко Б. Панов
Редовен професор во Институтот за национална историја