Коалицијата „Сите за правично судење“, која врши мониторинг на судењата објави дека Основниот кривичен суд во Скопје за два судски предмети сè уште чека супервештачење.

Едно од супервештачењата и по изминати повеќе од 300 дена сè уште не е изготвено, додека пак другото се изработува повеќе од 100 дена.

За автобуската несреќа кај скопското село Ласкарци, судски процес во кој 315 дена трае изработката на супервештачењето. За несреќата која се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, Судот издаде наредба за супервештачење на 11 ноември 2021 година, додека, за „Тендери, наредбата беше издадена на 6 април 2021 година.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело. Судскиот процес за несреќата започна во септември 2019 година.

Во случајот „Тендери“ пак, ексминистерката Канческа-Милевска и уште две други лица се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања. Канческа-Милевска се товари дека ѝ наложила на фирмата „Бетон-Штип“ да изведува градежни работи на музејот на ВМРО пред да се спроведе јавна набавка, а како основа бил искористен претходен тендер што го добила фирмата. Другите две обвинети, една претседателка, а една член на Комисијата за јавни набавки, според обвинението, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за фирмата корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи.

Судскиот процес трае повеќе од четири и пол години…