Блазе си му на Талат Џафери. Ги изведе децата на прав пат како никој друг во територијава што некогаш беше држава. Ќерката Бесија пред четири години се вработи како референт за правни работи во акционерското друштво во државна сопственост „Електрани на Македонија“. Синот Барлет, пак, три години претходно, во 2015 година, завршил правосуден испит уште пред да дипломира, за деновиве да привршува со обуката на Академијата за судии и обвинители и, кај и да е, ќе стане или судија, или обвинител.

Чудим? Нема зошто. Сè си е „по пропис“, уверуваат од сите (засегнати) страни. Да, можеби, како во рекламата за „космодиск“, изгледа шашаво, ама функционира. Нека лаат кучињата колку сакаат дека она со ќерката е непотизам, а со синот недозволиво, како на незавршен студент по медицина да му дадеш да оперира, карванот си врви. Тато, случајно, е и беше фактор во она што остана од Македонија додека наследниците му се „вдомуваа“ на државни јасли, ама, па, не е тој виновен што децата му се, очигледно, бајаги понапредни од другите, нели? Затоа, сега мудро молчи и чека да одмине бурата во јавноста и да ја поклопи некоја друга, за да може потоа на раат да им се посвети на државничките работи и да ужива во подвизите на потомството…

Блазе си им и на дробните дечиња што израснаа во онакви пулени за пример. Имаа(т) од кого да учат. Татко им не е кој било, ами номинално втор човек во членката на НАТО, по претседателон што би се иселил кога не би бил тоа. Веќе 5,5 години собраниски спикер (благодарејќи и на двете кренати раце на Шилегов), пред тоа година и нешто министер за одбрана, уште пред тоа и командант на ОНА, во меѓувреме пратеник, за на крајот да стане и почесен доктор на науки на Универзитетскиот колеџ „Кирјази“ од Тирана. Како за човек роден во Форино, кој стигнал и да здувне од две армии (ЈНА и АРМ), повеќе од импресивно.

При вакви татко и деца, кој уште би губел време со напорно учење и работа да се обиде да ги достигне нивните ѕвездени височини? Нема шанси! На таква конкуренција, човек може само да се искомплексира и, не дај боже, да си навлече некоја болештија. Тоа веќе безбели им се разјасни дури и на неговите сонародници на кои можеби не им било јасно во почетокот од наводната битка за каузата. Оние илјадници што ги замандалија портите и ќепенците на неброените куќи од сè попразните села во западниот дел на Македонија, ги наполнија автобусите и го фатија патот по белиот свет. Оти, покрај толку напредни како Џафери и неговите, може да се надеваат само на трошки од трпезата.

А другите што ни за два живота не би постигнале да направат ни половина за себе и за семејството од тоа што „се снашол“ главниот јунак на оваа вистинска приказна за одвај 60 години живот? Кој им брани да скенираат сметки? Па, заедно со радиодифузната такса што не ја плаќаат, сетики ќе присоберат барем за евтин лет. Во еден правец. За да не им пречат на суперталентите од успешните семејства како тоа на некогашниот питомец на Воената академија во Белград да дојдат до израз.