Судија закажал рочиште против голема банка по дури 5 месеци, акционери во страв од “матни игри”

Откако предходно за нецели 16 месеци закажувал и одржал 6 рочишта скопски судија пред десетина дена закажал следно судење против Стопанска Банка АД Скопје по дури 150 дена.

Дел од акционерите на банката кои ја тужат банката стравуваат дека причината за толку големо одложување на процесот е можно вршење притисок и влијание.

Тужбата на акционерите на Стопанска Банка АД Скопје против менаџментот е покрената поради прекршени права на акционери за што пред судовите досега се покренати вкупно три процеси.

Рочиштето кое е презажано за наесен е во врска со тужбата поднесена на 27.12.2019 од 430 акционери со која се бара врз основа на сопственост на приоритетните акции (ПА) да се утврди правото на гарантирана дивиденда во фиксен износ и правото на учество во распределбата на добивката на Банката како варијабилен дел во делот од добивката распределен за дивиденда.

Во истата тужба, 430-те акционери (тужители) бараат и надомест на штета заради неисплатена дивиденда за период од 3 години период кој се наведува заради застарување на побарувањето).

Вредноста на побарувањето на тужителите е речиси 1,5 милион евра.

Последното рочиште било закажано за 21.4.2021, но заради здравствени причини на полномошникот на тужителите, истото на 9.4.2021 беше побарано да се оддложи. Иако адвокатот на тужителите ќе биде подготвен за судење судијата од необјасниви формално правни причини рочиштето го презакажал дури на 15.9.2021, после цели пет месеци.

“Не ја знаеме причината зошто толкав период, кога сите претходни рочишта беа закажувани на отприлика 4-6 седмици (25.8.20, 13.10.20, 23.12.20, 5.2.21, 3.3. 21, 21.4.21). Дали одолговлекувањето и одговара на Банката, која ги чека одлуките на скопска Апелација каде треба да се одлучува по другите две тужби!? Во периодот на “чекање” не ја исклучуваме можноста Банката да врши притисок врз судиите од Апелација, бидејќи имаме сознанија за такви активности додека течеа двете првостепени постапки:
– едната постапка, во која се бараше поништување на две одлуки донесени од страна на Собранието на акционери, кои се однесуваа на Статутот на Банката.

Судот ја објави пресудата на 20.2.2020 со која тужбеното Барање го одби како неосновано. Статутот согласно Законот за Трговски Друштва треба да ги содржи правата од Приоритетните Акции, и тоа е одредба од 2004.
Но, и покрај тоа што ниту тогаш Банката не го усогласила Статутот, нити после нашето укажување и укажувањето од КХВ во пролетта 2019, судот не гледа причина дека актуелниот Статут може да предизвика штета за акционерите со ПА. Самиот Статут не содржи нешто што е спротивно на закон, проблемот е во тоа што она што треба според закон да го содржи (=правата од акции) не е запишано. Кога не се запишани правата во Статутот, тогаш се заклучува дека нема (те. не постојат) ни обврски (како што сега се однесува мнозинскиот акционер НБГ). Статутот е јавно објавен документ. До него има пристап секој. Правата се определени и запишани во одлуките за издавање на акции (=тапија), но тие не се објавени јавно. Иронијата ќе биде дотолку поголема, што ако остане се по старо (после пресудата од апелација) во однос на правата на ПА, Македонија ќе биде единствена земја во светот со единствена теорија за права на ПА”, велат акциинери на Стопанска Банка А.Д.

Еден од доказите што судот го ценела во постапката, е токму согласноста што гувернерот и ја издал на Банката на 01.07.2019. Наместо НБРМ да им наложи да го усогласат Статутот, таа го аминувала.

“Со тоа ни направи уште поголем проблем (а на Банката услуга), бидејќи Банката знае дека во иднина нема да има опасност од НБРМ. Згора на се, НБРМ со тоа што на писмено ни даде предлог или да се спогодиме или на суд да одиме, на Банката `и се постави како заштитник. За неверување е дека во НБРМ не го разбираат проблемот. Не упатуваат проблемот да го решиме спогодбено! Тоа е всушност пазарење, а “каде има сила, нема правдина”. Како може да помислат дека правата на акционерите се предмет на пазарење со раководство на банка, а не на закон!? НБРМ има донесено “Одлука за правилата за добро корпоративно управување во банка” според која секоја банка треба да има донесено Кодекс за корпоративно управување и Кодекс на етика. НБРМ во однесувањето на Банката не гледа ништо што би било спротивно на од неа пропишаните правила.

Во втората постапка, акционерите со приоритетни акции барале поништување на две одлуки донесени од страна на Собранието на акционери, кои се однесувале на дивидендата за 2018 г. исплатена од Банката.

Судот ја објави пресудата на 6.10.2020 со која го усвои тужбеното Барање.

Оваа пресуда кога ќе биде од корист на сите, над 3600 акционери, на Банката. Со пресудата не се предизвикува никаква штета кон работењето, ниту кон имиџот и репутацијата на Банката, ниту кон стабилноста на македонскиот финансиски систем.

Пресудата во корист на акционерите ќе има огромна историска вредност, но и важност во поглед на заштитата на правата на малите акционери, не само кај Банката, туку и пошироко во други акционерски друштва во земјата.

“Судот го убедивме дека, интерес во неисполнување на обврските кон имателите на приоритетни акции има само мнозинскиот акционер (НБГ) кој гласал за одлуката со намера за себе да стекне корист на штета на другите акционери, односно на штета на имателите на приоритетните акции. После цели 20 години прекршување на правата од страна на Банката им дојде крајот. Но, сигурно ќе треба да почекаме уште малку, бидејќи Банката вложи жалба. Само, се прашуваме, што ќе докажуваат, дека развиените пазари на капитал во светот се во заблуда над 100 години со теоријата за приоритетни акции”, вели еден од акционерите кој очекува и судот и банката и НБРМ да се вразумат и дa ги почитуваат законите?

Зошто една од најбогатите банки Стопанска Банка АД Скопје за релативно малку пари кои воопшто нема да влијаат на состојбите во моќната финансиска компанија води ваква битка со своите акционери не можат да разберат ниту акционерите, ниту вработени во банката, ниту судски вештаци упатени во банкарските односи.
(Г. М.)