Судиите од Германија ја уништија Македонија на стартот од кадетскиот мундијал во ракомет (ВИДЕО)

Катастрофалното судење на Рамеш и Суреш Тијагараџах од Германија ја спречија машката кадетска репрезентација на Македонија да избори повеќе од тесен пораз од 25:23 против фаворитот Норвешка на стартот од 10. Светско првенство во Хрватска.

Исклучувајќи го два пати во првите осум минути клучниот играч во македонската одбрана Валентин Карасманакис, двајцата делители на неправдата се „истакнаа“ уште на почетокот од натпреварот во салата „Замет“ во Риека, а во првиот дел досудија дури 6 исклучувања за „црвено-жолтите“ наспроти само едно за Норвежаните.

Поткраднувањето на македонскиот тим кулминира во финишот, кога по негативата од 16:10 на стартот од второто полувреме Македонија се доближи само на еден гол, но Германците го истолерираа пасивниот последен напад на Норвешка и ја поттурнаа да избегне реми.

Капак на судиската кражба се директните црвени картони за македонскиот селектор Радослав Стојановиќ и за неговиот асистент Бранислав Ангеловски малку пред тоа за нивните приговори за пристрасната арбитража.

Мирче Калајџиески беше најдобар поединец во македонскиот состав со 7 гола од 9 удари, а во завршницата од средбата блесна 16-годишниот среден бек Дамјан Митев со 3/3 и уште две асистенции.

Следен противник на Македонија во групата Ф ќе ѝ биде Црна Гора задутре од 19:30 часот, а во последното коло е дуелот со дебитантот Грузија на 5 август од 17:30 ч.

Целиот меч со Норвешка на линкот:

https://www.youtube.com/live/BplzcM4k8q0?feature=share