Сојузот на синдикати на Македонија бара оставки од судиите Шпенд Деваја, Наке Георгиев и Исамедин Лимани од Врховниот суд кои ја донеле пресудата за одземање на имотот на Синдикатот.
Доколку до петок не поднесат оставки, од следната недела ќе почнат постапка пред Судскиот совет за нивно разрешување најави денеска претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Од ССМ и претходно потсетија чиј е и кој го градел Работничкиот дом
Трендафилов вели декја Врховните судии на девет страници донеле пресуда со образложение во кое само во еден пасус се повикуваат на еден закон од 1998 година кој е вон сила, затоа што во 2010 година е донесен нов закон во кој е наведено дека со стапувањето во сила на новиот закон претставува да важи законот од 1998 година.
„Многу ми е жал што овие врховни судии не знаат дека од 2010 година има нов закон за здруженија и фондации во кој во членот 2 се наведува дека одредбите од овој закон не се однесуваат на политички партии, цркви, верски заедници, религиозни групи, синдикати, комори и други видови на здружување утврдени со посебни закони“, рече Трендафилов.
„Шестар систем во судството, да ги бодат законите и да бираат кој ќе го применуваат за временски период што ним им одговара е катастрофа и погубно за судството и е погазување на честа на сите оние судии кои совесно си ја извршуваат работата и токму поради ваквите судии довербата во судството е два проценти“, рече претседателот на ССМ.
„Истите врховни судии кои разбравме дека гласале да се одземе Работничкиот дом на еден ваков криминален начин не ја почитувале ниту одлуката на Уставниот суд од 1992 година во чие образложение е укината одлуката за определување на рокот за преземање на средствата на општествени и политички организации.
Не ја почитувале ниту пресудата на Врховниот суд од 24.11.2004 година во која се одбива како неосновано барањето за одземање на имотот на ССМ“, посочи Трендафилов.