„Дури“ 140 денари кои мора да се потрошат истиот ден во посебни продавници и преку посебна банкарска картичка предвидува новиот начин на исплата на субвенционираниот студентски оброк.

Доколку не се потрошат – парите пропаѓаат!

„Студентски отпор“ во објава на „Фејсбук“ посочува дека 140 денари дневно е мала сума за квалитетен оброк и дека голем дел од угостителските објекти во близина на кампусот на УКИМ не поседуваат терминали за плаќање со картички.

„ На еден месец пред почетокот на академската година, се уште не е утврдено на кој начин, на кои места и во кое време ќе може да се користат средствата? Како што и претходно баравме, така и овој пат, сметаме дека согласно инфлацијата 140 денари дневно е мала сума за еден квалитетен оброк.

Оброкот ќе може да го користиме само со картичка, а голем дел од угостителските објекти кои се наоѓаат во близина на кампусот на УКИМ не поседуваат терминали за плаќање со картички, се наведува во објавата.

Велат дека не се согласуваат со тоа средствата да не можат да се искористат следниот ден ако не се искористени истиот ден кога се префрлени.

Исплатата на студентскиот оброк за оваа студентска година ќе се врши преку специјална кобрендирана картичка, која „Шпаркасе Банка“ ќе ја издава во соработка со Министерството за образование и наука.