Украина спроведува реформи кои ја водат кон членство во Европската унија, а кандидатите од Западен Балкан заостануваат и Украина и Молдавија може да ги престигнат, велат официјални лица од Брисел на кои се повикува српската новинска агенција Бета.
Претставниците на ЕУ, кои не се именувани, така одговориле на прашањето дали предупредувањето од министрите за надворешни работи на Унијата по дебатата во понеделникот, кое го пренесе високиот претставник Жозеп Борел, значи дека Украина може да се доближи до членство во ЕУ пред кандидатите од Западен Балкан.
Во медиумските извештаи и во оценките од европските дипломати се наведува дека Европската комисија утврдила оти Украина и Молдавија постигнале огромен успех во зајакнувањето на владеењето на правото и во европските реформи, па имало оценки дека особено Украина може во рекордно време да ги заврши преговорите за членство во ЕУ, кои се очекува да почнат на крајот на оваа година.
Партнерите од Западен Балкан се во застој со европските реформи и треба да го искористат „моментумот создаден од поволниот напредок на Украина“, ја пренесе Борел пораката на шефовите на дипломатиите на Унијата, а претставниците во Брисел подвлекоа дека Украина „постигнува голем напредок во многу тешки услови, бидејќи на нејзина територија се води војна“.
Лидерите на ЕУ во јуни ќе разговараат за напредокот на Украина и на Молдавија, а претседателот на Европската комисија веќе изјави дека „впечатливо е што, и покрај воениот пожар, Украина работи напорно и неуморно за да ги исполни седумте поставени услови и веќе е постигнат значителен напредок“.
Медиумските известувачи и официјални лица во Брисел објаснуваат дека тоа всушност не значи дека ЕУ верува дека Украина нужно може да стане членка на Унијата побрзо од Црна Гора и од Србија, кои напорно преговараат за членство. Но, тие велат дека меѓу 27. членки преовладува ставот оти поради драматичниот геополитички пресврт во Европа – руската инвазија на Украина – проширувањето треба да се забрза и соседите на ЕУ и Западен Балкан да бидат „политички и безбедносно интегрирани во европскиот простор“.
„Украина напредува и тие (на Западен Балкан) треба да го следат тој пат и со иста брзина, сега е време да ги забрзаат реформите за усогласување со европските норми и да ги подготват своите општества за членство“, рече Борел.
Дописникот на „Дојче веле“ од Брисел објаснува дека „Брисел сака да го забрза пристапниот процес на шесте земји од Западен Балкан, но има значителни пречки: бавни реформи, стари непријателства и колебливост на Европската унија“.
Во извештајот на германскиот медиум се посочува дека поради руската агресија Украина и Молдавија во рекордно време – уште во јуни минатата година – добиле статус на кандидати за членство, па дури се проценува дека тие две земји би можеле многу брзо да влезат во Унијата.
Официјални лица во Брисел изјавија за Бета дека „врз основа на решителноста, напорите и резултатите на Киев и на Кишињев во реформите, ќе биде многу повидливо колку е скромен напредокот на Западен Балкан и дека во ситуација кога членките на ЕУ сега сакаат да се справат со проширувањето посилно“.
„Ова е уникатен момент и моментум и се многу опипливи примери за тоа како може да се постигнат резултати без одлагање и со чесен пристап“, изјавија официјални лица во седиштето на ЕУ.
Европската ТВ мрежа Евроњуз исто така посочи дека „Киев сака преговорите за членство да започнат оваа година, што е амбициозен рок, за кој дипломатите и официјалните претставници во Брисел велат дека сè уште предизвикува загриженост бидејќи постојат докази дека Украина не е сосема подготвена“.
Официјални лица на некои земји-членки на ЕУ, исто така, замислуваат дека влезот на нови членки „ќе ја промени самата Европска унија, бидејќи ЕУ мора да стане поспособна да прима нови членки, мора да ги поедностави процесите на донесување одлуки“.
Некои земји се за тоа, а некои членки на ЕУ се против дека мора да се смени системот на одлучување пред се во надворешната политика, со воведување „квалификувано мнозинство (по население и економска моќ)“, наместо право на вето на сите.
Вчера, на состанокот во Порто, осум членки на ЕУ изјавија дека Унијата мора прво да создаде сопствена „способност за инкорпорирање“ на нови членки – системот на одлучување и буџетот, бидејќи во спротивно таа ќе „стане склеротична“.
Во некои анализи на медиумите и експертите за геополитика, се оценува дека „забрзувањето на преговорите со Украина, притоа давајќи им поголемо значење на геополитичките околности отколку на техничките реформи, може да ги згасне очекувањата на другите кои се надеваат на влез во ЕУ, особено на Западен Балкан. “, како што забележува порталот „Геополитички монитор“.
Но, тој ги наведува и примерот на Бугарија и Романија, чии способности, особено за борба против криминалот и зајакнување на владеењето на правото, биле многу затегнати пред да се приклучат кон членството, како и потребата за „стабилно политичко и економско вкоренување на регион опкружен со нестабилни соседи , како и крајот на географските поделби предизвикани од Студената војна“.