Кои струмички компании имале кредити без покритие во Еуростандард банка и како тие се поврзани со власта и зошто НБРМ ги толерирала ваквите кредити, праша денеска на прес-конференција, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседател на Комисијата за материјално финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата ја прашува гувернерката Анита Бежовска кога нивото на безбедност на капиталот на Еуростандард банка паднала под законскиот минимум.
ВМРО-ДПМНЕ прашува и зошто одлуката за одземање на лиценцата на Еуростандард банка се прави во овој момент и зошто тоа не се направи пред изборите.
„Кого штитеше гувернерката во последната година ако се земе предвид дека еден од сопствениците на банката јавно кажува дека овој проблем постои веќе една година. Дали толку време беше потребно избрана група луѓе и компании да ги повлечат своите средства и да ја прекинат соработката со банката, како што е случајот со министерката за финансии“, праша Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска – Кочоска самата гувернерка признава оти нефункционалните кредити се на ниво од 4,7 отсто од вкупните кредити на НРБМ , од кои цел процент отпаѓал на само една банка – Еуростандард банка.
За Кочоска, ова значи дека некој свесно дозволил давање кредити без покритие, а од вкупните нефункционални кредити де факто над 21 % отпаѓа на банка што гувернерката вели дека е незначајна за банкарскиот систем врз основа на тоа што Еуростандард банка со состојба на 30 јуни 2020 година учествува во вкупната актива, вкупните депозити и вкупните кредити на банкарскиот систем со 1,3 %, 1,7 % и 1,6 % соодветно.
„Зошто е толерирано толку мала банка да има толку нефункционални кредити. Добро е и да се види кои струмички компании имале кредити без покритие во Еуростандард банка и како тие се поврани со власта. Колку компании се уништени со оваа одлука и колкав е износот на депозити на правните субјекти и физички лица што не се гарантирани и кои не може да ги повлечат. Кој ќе сноси одговорност за влошување на состојбата во бизнис-секторот, кој и онака трпи сериозни последици. Воедно, се отвораат и други дилеми, кој ќе преземе одговорност за ширењето на коронавирусот кога над 55.000 граѓани веќе трчаат во други банки да отвораат сметки. Кој ќе сноси одговорност доколку дел од овие граѓани, поради целиот овој хаос, остане без приходи следниот месец? Она што исто така загрижува е и што ќе се случува со ‘Македонска пошта’. Граѓаните знаат дека во ‘Македонска пошта’ можеше да се плаќаат сметки. Но, тие не знаат дека системот што ‘Македонска пошта’ го користеше е на Еуростандард банка. Колку оваа одлука ќе има влијание врз ликвидноста на ‘Македонска пошта’ и дали ќе влијае на бројот на вработени? Воедно, со оваа одлука, која се носи во најголема здравствена и економска криза, без работа остануваат околу 170 вработени, кои имаат свои фамилии“, рече Димитриеска-Кочоска.