Првиот човек на Регулаторната комисија Марко Бислимовски проценува дека струјата од 1 јануари ќе поскапи меѓу 3,5 до 9 отсто откако до нив се доставени пресметките на трите енергетски компании во државата.

АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.

– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.

– Крајната цена каква ќе биде на домаќинствата за сите параметри ќе ве информираме колку се менуваат активната електрична енергија во скапа тарифа за секој блок соодветно, за евтина посебно и мрежарина, прецизира Бислимоски.

За следната година, како што нагласи, „ЕВН Хоум“ бара 3.900 гигават часови електрична енергија што 100-процентно ќе ги обезбеди АД ЕСМ, додавајќи дека не се предвидува увоз на струја за потребите на регулираниот пазар до 30 јуни идната година, јави МИА.