Аукцијата за закуп на капацитет се покажа како поевтина опција од берзанска дневна цена, а со исто ниво на сигурност. Можеби е момент нашите фирми да се самоорганизираат и преку снабдувачи и трговци да лицитираат за закуп на производствен капацитет. Така нема да се изложуваат на катадневен стрес што им го приредуваат берзанските цени на струја во ова неизвесно и тешко време особено затоа што веќе станува извесно дека тешко ќе добијат мегавати од државната централа ТЕЦ Неготино
Македонските компании ги чека тежок ноември. Очекувањата дека цената на струјата може да биде поповолна од таа што досега ја добиваа од снабдувачите и трговците се распрснуваат како меури од сапуница.
Најновата информација за пазарна цена на мегаватчас струја е 335 евра. Цената е постигната на аукција на бугарската берза ИБЕКС и важи за испорака за цел месец ноември. Ако може да се каже дека има и добра вест таа е дека оваа цена е поевтина од цената што беше постигната на претходната аукција на 4 октомври кога еден мегаватчас струја за цел ноември постигна вредност од 360 евра.
На последната аукција беше понуден закуп на 100 мегавати производствен капацитет (пола блок на РЕК Битола н.з.), а на претходната аукција беше понуден и закупен капацитет од 70 мегавати. И во двата случаи продавач е ТЕЦ МАрица 2 Исток најголема термоцентрала на Балканот.
Бугарската берза односно нејзниот сегмент на аукции реално гледано е ценовен репер за нашите снабдувачи и трговци со електрична енергија. Досегашната пракса покажува дека нашите учесници на пазарот имаат договори со бугарски трговски фирми или подружници во таа земја кои тргуваат на ИБЕКС. И овие цени се дел од цената што би ја добиле нашите компании потрошувачи. Затоа што на тие цени треба да се додаде трошокот за закуп на преносен капацитет, трговска маржа и државни давачки.
Тоа значи дека во месецот што претстои нема добри вести за нашите компании кои ќе мора силно да го стегаат каишот, да прават нужни прилагодувања или да намалат обем на активности.
За поздравување е потегот на Бранко Азески претседателот на Стопанската комора кој посетува фирми членки за да бараат решенија за надминување на состојбата со цените на електричната енергија. Веројатно дека е опција за нашите компании да се здружат и да закупат производен капацитет на берзата во соседната земја особено сега кога е веќе очигледно дека се оставени сами на себе затоа што Владата досега не соопшти мерки за поддршка.
Извор: Фактор.мк