„Отвореноста и отчетноста во владеењето придонесоа лидерот на Беса Билал Касами да победи во Тетово, главниот центар на Албанците во Македонија. Но, Касами и Беса се стремат и понатаму од Тетово, кон активности и во другите важни албански центри во земјата.“ – вели информативната агенција на албански јазик ИНА во својот уреднички коментар со наслов „Билал Касами и неговиот план и понатаму од Тетово“. Инаку, Касами уште во јануари 2019 година има најавено дека ќе ја води „битката за затворање на албанското прашање на тој начин, што Албанците и со уставни промени ќе добијат статус на државотворен народ во Македонија“.

Во својот уреднички коментар агенцијата ИНА пишува: „Билал Касами е еден од основачите и сега лидер на Движењето Беса. Тој е истакнат економист и прагматичен политичар, кој се стреми по секоја цена кон власта, но не заради лични и семејни добивки, туку за општото добро. Беса, со која раководи од нејзиното основање до денес, и во централната и во локалната власт докажа дека има капацитети и кадри, за да раководи со институциите, користејќи реформистичка и развојна политика. Отвореноста и отчетноста во владеењето, политичката активност и големата желба за промени и реформи, придонесоа Касами да победи во метрополата, во главниот центар на Албанците во Македонија. И овде тој се покажа како многу отворен, расправајќи со граѓаните за секој проект на разни трибини. Со неговото доаѓање во локалната власт во Тетово тој ги изнесе на многу детален начин сите злоупотреби и штетни договори, од претходните локални власти.“

„Иако со празен паричник, Билал Касами и Движењето Беса започнаа со реализирање многу проекти, како и со организирање многу културни и образовни манифестации. Во централната власт, во која раководеше само со едно министерство, тој остави траги и проекти, кои се одразуваат и денес. Касами владее со логиката дека со правични резултати и правично владеење ќе ја зголеми партијата и во другите важни албански центри. Неговата сегашна насоченост е да победи на локалните избори за советници во Советот на општината, додека цели на Движењето Беса се и другите општини, како Скопје, потоа од Кичево до Куманово и пошироко.“

„Касами може овде да почне да ‘куца“, ако не ја отвори партијата за нови кадри, за да го прошири уште повеќе претседателството на партијата. Тој треба да биде уште повеќе на теренот насекаде низ албанските населени места, за да ја види одблиску реалноста и потоа да реагира на проактивен начин.“ – заклучува ИНА во својот едиторијал.

Инаку, на 4.јули Беса го поддржа „францускиот предлог“, нагласувајќи дека „ќе го прифати секој предлог на патот на Македонија кон ЕУ, кој што не би ги загрозил интересите на Албанците во земјата“. Беса има искажано поддршка и за учество во двотретинското мнозинство, кое е потребно за да се отвори Уставот и да се вгради во него ‘францускиот предлог“, што значи и бугарските барања – нешта на кои целосно се спротивставува убедливото мнозинство на македонскиот народ, македонските опозициски партии, како и голем дел од македонската интелигенција.

Билал Касами уште на 19.јануари 2019 година во интервју за порталот „Ора њуз“ и други медиуми на албански јазик најави дека ќе ја води „битката за затворање на албанското прашање во Македонија. „Тоа прашање ќе биде затворено кога Албанците ќе станат рамноправни со Македонците. Албанците се третираат како малцинство, иако се најважниот дел на државата Македонија. По Македонците ние сме мнозински народ и како такви бараме да бидеме третирани како државотворен народ и основачи на оваа држава.“ – кажа Касами во јануари 2019 година. Овој став-барање на Беса тогаш го има прифатено Зоран Заев како премиер на македонската Влада во документ заеднички потпишан со Беса.