Комисијата за одбележување на 80 годишнината од убиството на 12-те Ваташки младинци ги избра најдобрите идејни решенија за изработка на бисти и спомен соба кои пристигнаа на јавниот повик, објави на Фејсбук градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Музејската спомен соба и 12 бисти на стреланите Ваташки младинци ја подготвува локална самоуправа Кавадарци во месноста Моклиште, во пресрет на 16 јуни, кога се одбележуваат 80 години од стрелањето на младинците за време на Втората светска војна.

Носител на активностите е кавадаречката општина. Претседателката на Одборот за подигање на споменици, Весела Честоева појасни за МИА, дека вчера заседавало ова тело и ги разгледало идејните решенија, што пристигнале на јавниот конкурс објавен од Општината.

„На јавниот конкурс за идејно решение за подигање на 12 бисти на 12 Ваташки другари, пристигнаа четири идејни решенија. За јавниот конкурс за архитектонско здание спомен соба, музеј, посветен на 12 деца, пристигна само еден идеен проект. Одборот заседаваше, направи разгледување и евалуација на пристигнатите идејни решенија и консензуално ги утврдивме првите три награди што беа и дел од јавниот конкурс, за бисти за стреланите младинци. Првата награда ја доби правно лице, со управител Димитар Самарџиев, скулптор од Кавадарци“, појасни Честоева.

Во врска со јавниот конкурс за избор на идејно решение архитектонски монтажен објект спомен соба, пристигнала само една понуда, од Ванчо Недев, магистер по архитектура од Кавадарци, а таа била избрана со консензус од страна на одборот од девет члена формиран од Советот на општината, пренесоа медиуми