Судот во Стразбур бара образложение од Владата на Македонија и за последниот медицински третман на жалителот во врска со неговата срцева состојба. Конкретно, на кој начин и до кој степен националните власти му обезбедиле на Камчев редовен медицински третман од кардиолог и/или медицински прегледи со помош на ехокардиографија и/или коронарографија, сознава „Вечер“

(…)

Опширната медицинска документација за сериозноста на неговото здравствено заболување и состојба во неколку наврати е веќе доставувана во Судот на увид.

Поради итноста и сериозноста на ситуацијата, континуирано влошување на неговата состојба и необезбедувањето на соодветен третман за истата, на 29 октомври одбраната на г-дин Камчев се обраќа до Кривичниот суд во Скопје со барање за издавање дозвола за влез во КПУ Затвор Скопје на специјалист интернист/ кардиолог, вешто лице од областа на интерната медицина со цел да изврши детален преглед на Камчев и да даде соодветно мислење за здравствената состојба како и препорака за натамошно лекување.

Бидејќи за доставеното барање не добива никаков одговор ниту одлука, одбраната на г-динот Камчев се обраќа до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Обраќањето кон Европскиот суд за човекови права се однесува на третманот кој г-динот Камчев (не) го добива во затворот во Скопје по однос на неговата здравствена состојба.

Европскиот Суд за човекови права во Стразбур веднаш одговара на барањето на одбраната на Камчев барајќи одговори од Владата на Македонија за нивното непостапување!

Најдоцна до 24 ноември, Владата треба да даде информација на Судот во Стразбур за барањето на жалителот од 29 октомври 2021 за издавање дозвола за влез во КПУ Затвор Скопје на доктор интернист/кардиолог, вешто лице од областа на интерната медицина за да изврши преглед на г-динот Камчев, испратено до Основниот Суд Скопје. Доколку е применливо, Судот во Стразбур ја бара на увид одлуката, доколку не е одлучено по барањето на жалителот Судот ја повикува Владата да го извести за причините зошто истата ја нема.

Европскиот суд за човекови права согласно со правилото 39 од Правилата на Судот  во случајот на г-дин Камчев, а поради причината на флагрантно и континуирано кршење на неговите основни човекови права,  е во постапка за изрекување на времена мерка со која на Македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради неговата  влошена здравствена состојба, пишува „Вечер“.