Стопанска банка а.д. Битола со најуспешна година во постоењето

Во време во кое економијата и граѓаните се соочуваат со кризна ситуација поради пандемијата Стопанска банка а.д. Битола ја бележи најуспешната година во своето работење.

“Заокружувајќи ја неизвесната и предизвикувачка 2020 година со сигурен и утврден успех, Стопанска банка а.д. Битола комплетно подготвена, со јасна визија и цели за делување ја започна деловната 2021 година, која сега, по завршени три квартали, може да ја сметаме за една од најуспешните во досегашното долгогодишно функционирање на Банката.
Со задоволство може да кажеме дека флексибилноста и брзото делување во услови на бројни екстерни шокови – економски и регулаторни – беа клучните чекори кои на Банката и овозможија успешно работење и во услови на криза од глобални размери”, стои во информацијата од Стопанска Банка а.д. Битола.

“Со фокус, пред се, на минимизирање на ризиците по здравјето на клиентите и на вработените, на наплата на побарувањата, одржливо кредитирање и натамошно зајакнување на депозитниот потенцијал, добивката на Банката согласно последните податоци надмина 400 милиони денари, односно 6,5 милиони евра. Покрај нето-приходите од редовното работење, најзначаен придонес за ваквиот резултат има наплатата на претходно отпишано побарување, што резултираше со значително ослободување на исправка на вредност, која директно се одрази врз добивката на Банката, а во иднина ќе претставува темел за засилено кредитирање и директна поддршка на растот и развојот на клиентите, што ќе придонесе и за дополнителен раст и зајакнување на позицијата на Банката во рамки на домашниот банкарски систем”, објави банката.

Во услови на економска криза поради пандемијата, која наметна бројни предизвици и проблеми во работењето на компаниите во земјава и врз стандардот на граѓаните, квалитетот на кредитното портфолио во Стопанска банка а.д. Битола односно учеството на нефункционалните во вкупни кредити на Банката е на ниво на просекот за банкарскиот сектор. Кредитирањето на правни и физички лица се задржало на стабилно ниво без поголеми флуктуации, притоа овозможувајќи висока стапка на адекватност на капиталот од над 17,50%, што е повисоко од упросечената вредност за банкарскиот сектор, што упатува на високо ниво на капитализираност на Банката, солвентност и стабилност во работењето, кои се клучни за довербата на јавноста во Стопанска банка а.д. Битола.

Потврда за тоа според банката е и растот од 6,37% на депозитите на правни лица и од 3,72% на депозитите на домаќинства од почетокот на годината.

“Доколку остварените резултати се анализираат не само од оперативен туку и од поширок економски и деловен аспект, може да се каже дека тие се потврда за поддршката што Банката им ја дава на домаќинствата и на стопанството во услови кога е најпотребно.

Во оваа насока се и инвестициите што ги вложува Банката во развој на дигитални производи и услуги бидејќи е несомнено дека една од последиците од пандемијата е и забрзаната дигитална револуција, односно дигитализацијата во сите сфери од општественото и економското делување.
Дигитализацијата е тренд кој веќе подолго време е еден од водечките компоненти за понатамошен развој на Стопанска банка а.д. Битола. Имајќи ги предвид потребите на клиентите, Банката изврши унапредување на функционалностите на интерните системи со цел обезбедување подобра основа за опслужување на клиентите и нивно подобрено корисничко искуство.

Исто така, значајна е поддршката од Стопанска банка а.д. Битола и за повеќе општествени проекти и активности, со кои го даваме нашиот придонес за подобрување на условите во заедницата во која живееме и работиме.

Во контекст на оштествената одговорност, Банката и оваа година ја продолжи својата заложба за поддршка на активности кои ги издигнуваат културата и спортот на повисоко ниво. Стопанска банка а.д. Битола овој месец беше горд спонзор и поддржувач на еден од најзначајните културни настани во земјава и на меѓународно ниво – Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки”. Во месец септември, Битола беше градот на културните настани, а Банката со задоволство даде поддршка и на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на групата ,,Фолтин’’, како и на манифестацијата „Битола – отворен град“. Во областа на спортот, Банката го поддржа спортскиот настан “Трчај бе”, а со донација преку ваучерскиот систем за поддршка на спортот, кој го одобрува Агенцијата за млади и спорт, даде и свој придонес за развој и унапредување на ФК Пелистер”, објави банката.