Со пораката ,,Честит Илинден Македонијо”, пратеничката Велика Стојкова Серафимовска дава објаснување за важноста на Илинден за Македонцит.
,,Ги слушам говорите на владиниве претставници кои денес, на Илинден, се обратија некому, ама тоа не беше македонскиот народ. Сите од уста не ги извадија вредностите на Илинден, историски, традиционални, културни…
Да се обидам да објаснам што значи Илинден за Македонците и зошто оваа власт е ненародна, неписмена, неспособна.
Празникот Илинден е директен носител на колективната меморија и културен идентитет на Македонците, но и на сите етнички заедници кои живеат во Македонија. Оваа функција на Илинден е создадена по еден научно докажан природен пат од комуникативна до колективна меморија и е стожер на македонскиот културни идентитет (Jan Assmann, Collective memory and Cultural identity).
Основната функција на културната меморија е да го одржи видот на идентитет со кој истата е поврзана, со оглед на тоа дека идентитетот може да биде различен и повеќеслоен. Во случајот Илинден зборуваме за етнички и национален македонски идентитет.
Според Ниче, додека кај животинскиот свет генетиката го гарантира преживувањето на видот, луѓето мора да најдат начин како да ја одржуваат својата природа конзистентно и преку генерациско пренесување. Решението на овој проблем се наоѓа токму во културната меморија која претставува колективен концепт за целото наследено знаење кое го формира однесувањето и искуството во рамките на едно општество стекнато со генерациско повторувани социјални пракси и иницијации.
Создавањето на културната меморија е процес низ кој поминува една заедница и претпоставува најпрво создавање на комуникативна или секојдневна меморија која во одредени предуслови преминува во колективна и социјална меморија. Такви примери се настани или временски периоди кои се од големо значење за заедницата, односно, преку креирање на заедничка меморија предизвикуваат воспоставување на нераскинлива врска на припадност и заедништво помеѓу индивидуите во една заедница или општество.
Ваквата комуникативна меморија се пренесува најчесто по усмен пат и може да трае во временски период од 80 до 100 години. Во еден момент комуникативната меморија може да премине од орална во објектифицирана меморија, а тој процес на транзиција се изведува најчесто преку културата, односно преку културни форми како митови, легенди, песни, ритуали, споменици, празници, прослави, па дури и топоними на локалитети.
Еднаш кога ќе се создаде таа субјектификација во одредена културна форма, а во поново време и во институција, таа станува културна меморија и како таква подлежи на други правила и стекнува други функции, меѓу кои и основната: да го одржи идентитетот на една заедница и општество. Во одреден момент, ваквата меморија преминува од орална во пишана форма и од меморија станува историја.
Од овој момет започнува и опасноста од толкување, контекстуализација, реконтекстуализација, апропријација и други форми на разводнување на нејзината вистинската функција, а за тоа најголема одговорност има државата која е задолжена, потворно преку одредени правила, да ја одржува колективната меморија и културен идентитет во форма најблиска до заедницата и без опасност да го загрози чувството на споделување на заеднички вредности и припадност.
Случајот Илинден. Празникот Илинден во колективната свест и меморија на Македонците има навистина исклучително значење како традиционален религиозен и национален празник. Илинден или денот на Свети Илија Громовникот се поврзува со претхристијанскиот период бидејќи се смета дека Свети Илија е наследник на Перун, стариот македонски (или старословески) бог на громовите, еден од најважните богови во македонскиот пантеон.
Во Македонија се наоѓаат неколку врвови кој го носат името Перун (на Козјак има два: врв Перум и врв Перун), а интересно е што црквите изградени под тие врвови се посветени на Свети Илија Громовникот. Во многу македонски села Илинден е селска слава, а преку многуте народни песни Свети Илија е втемелен и во македонската усмена меморија, односно во македонското нематеријално културно наследство. Значи, го исполнува условот за колективна меморија.
Меморијата за Илинденското востание, не случајно кренато на 2 август, 1903 година, на Илинден, и борбата на македонскиот народ за ослободување и создавање на сопствена држава, Републиката, исто така го поминува процесот од комуникативна до колективна меморија, а како резултат на таа транзиција се создаени стотици народни песни во кои се опејува точно временскиот период од пред и по Илинденското востание, создавајќи културни форми кои ја зацврстуваат меморијата во една нецензурирана нематеријално форма на културно наследство. 2 август, 1944, или АСНОМскиот Илинден создава и институционална меморија, содржински со истата порака како и Илинденското востание, а тоа е борбата на Македонците и сите кои живееле на територијата на Македонија за самостојна и независна држава.
Значи, Илинден е еклатантен пример за вредноста на еден празник како стожер на македонскиот идентитет и носител на најважната колективна меморија за самостојноста, назависноста и самобитноста на Македонија.
Кога ваква колективна меморија станува објектифицирана и институционализирана во празник од најголемо значење за еден народ, нација или држава, тогаш државата има обврски кои МОРА да ги спроведува за да ја одржува таа меморија. Да не заборавиме дека Илинден се слави и во македонската дијаспора, и во Бугарија и во Грција.
Името на здружението на Македонците во Бугарија е ОМО – Илинден, а во Австралија, Канада и Америја македонските КУД-ови најчесто го носат името Илинден. Според научните принципи на одржување на колективна меморија прославувањето на Илинден треба да ги има следниве карактеристики: да го зацврстува идентитетот и поврзаноста со народот; да ја реконструира меморијата преку културни форми како песни, текстови, приказни, документи; да се презентира во конкретна јасна и стабилна форма која ќе го пренесе културното институционализирано наследство на македонското општество; соодветна организација на прославувањето на празникот со јасно дефинирани и стабилни церемонии кои се дел од негувањето на колективната и културна меморија на Илинден; обврска на државата да ги негува формите, симболите и пораките кои произлегуваат од меморијата поврзана со Илинден, значи самостојноста, самобитноста и борбата на Македонската нација за независна Македонија; рефлексивност, односно рефлексија на обновувањето на меморијата што предизвикува обновување на чувството на припадност, заедништво, споделување на заедничкиот идентитет што, конечно, води кон љубов кон сопствениот народ и држава, што подразбира државотворност и општествена одговорност.
Оваа ненародната власт предводена од СДС не исполни ниту еден од овие услови. Ги гледав прославите, и синоќешната прослава во Крушево, па и ова денес, ако може да се нарече прослава. Па така, наместо реконструкција на пораките на Илинден преку културните форми, на пример народните песни од Илинденскиот период (цела збирка има со стотина песни), се пееја албански песни кој не верувам дека некој од присутните ги разбра.
Да не се разбереме погрешно, албанските народни песни се прекрасни и си имаат своја културна и колективна меморија, но во овој контекст не се поврзани со колективната и културна меморија на Илинден. Ајде што не се отпеа ниту една песна поврзана со Илинден од 1903, на синоќешната прослава ја искасапија песната „Во борба, во борба македонски народе“, односно најважната порака поврзана со Илинден од 1944 за борбата против фашистите се избриша, вклучително и строфата каде се спомнуваат хероите и од Илинденското востание.
Химната веќе не се пее туку само се интонира, што е недозволиво. Државните прослави се сведоа на ревии на омразени политичари кои наместо да создадат услови за заедништво и припадност буквално со железни огради се оградија од својот народ. Дополнително, наместо да се потсетиме на историските настани, дали во насока на емоциите кои истите ги предизвикуваат или во насока да се потсетиме на историјата за истата да не се повтори, владата го подели народот.
Донесоа свои активисти, ги наредија како жив штит пред народот кој сосема легитимно сакаше да ја прати својата порака која е и пораката на Илинден за НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА. Наместо рефлективност, оваа прослава предизвика афект на национална поделба. Ужас! Оваа влада дозволи политичари и историчари да ја толкуваат и менуваат колективната меморија под уцена на некакви повисоки цели. Тука е проблемот.
Денешната прослава на најголемиот македонски празник Илинден е многу конкретен пример за науката како една влада, политичка гарнитура, може да го уништи идентитетот на еден народ многу перфидно, најболно, токму преку институционално уништување на културната и колективна меморија. Вообичаено ваквите процеси се дел од воени дејствија, окупации, апропијации, но она што кај нас се случува е дека ние самите на себе си го правиме ова.
Набрзо ќе поче да се спроведува и тн. Француски договор и Протокол според кој ќе треба да се менуваат учебниците по предметите Историја и Географија токму во делот каде е запишана македонската колективна меморија. Очекувам дека културните форми, и пишаните и непишаните, ќе бидат цензурирани, забранети, извор на говор на омраза. Историската комисија ќе биде под притисок, допрва треба да се преговара за Илинден 1903 и Илинден 1944.
Значи следната година, наместо да славиме 120 години Илинденско востание, ние можеби ќе славиме некоја хибридна, недефинирана, анационална форма на празник кој треба да биде стожер на македонскиот идентитет. Годинава не се изгласа Декларацијата за чествувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Само погледнете ја националната програма од областа на културата каде во изминативе 5 години бројот на национални дела од домашни автори постојано опаѓа.
Сите услови за одржување на културната и колективна меморија ќе бидат загрозени, па набргу културната меморија ќе се смени и целосно ќе ја изгуби функцијата на носител на наследени и пренесени знаења и форми на колективно и општествено однесување и практики, односно на националниот идентитет.
Се надевам дека, сепак, тоа нема да се случи.
За многу години Илинден! Нека ни е на помош Свети Илија да си ја зачуваме Македонија!