Русија ќе ја продолжи својата „специјална воена операција“ во Украина додека не се остварат сите нејзини цели, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на стотиот ден од оружениот судир со соседот.

„Една од главните цели на операцијата е заштитата на луѓето во ДНР и ЛНР. Преземени се мерки за да се обезбеди нивна заштита и постигнати се одредени резултати“, рече Песков, мислејќи на двата региона на Украина што се стремат кон отцепување и припојување кон Русија.

Песков, сепак, додаде дека нема договор за датумот на можниот референдум во Донбас и во другите региони на Украина под контрола на руските трупи.

„Не, сè уште нема договор во поглед на временската рамка“, одговори тој за ставот на Москва за тоа кога би можеле да се одржат референдуми за прием на овие територии во состав на Русија.