Порталот офф.нет.мк објави песна што најмногу ги погодува тие што загубиле родител но никого не остава рамнодушен.
Не е срамно да се пушти солза на стиховите што во чест на својот покоен татко ги напишал Богдан Илиевски познат како Бетмен Велит:
Со црна ружа в рака
пред свадбен тапан стојам
да тропам душа сака
на секој удар
црни лисја бројам
се кршат од тапан
и на земи легнат
зошто сега вака
зошто весел дум не впрегнат
да заигра оро
со тебе на чело
а зад тебе јас во игра
наместо в гуша сиот стегнат
што се случи
и кај појде в миг
сета среќа и оро и бакшиш на зурла
и ти горд напред
за чедото твое и неродените внуци
ко в зурли што се кријат
неродените звуци
кај појде в миг
и „оди без мене” ми рече
„ќе мораш сега сам, синко мој убав
ќе мораш сега сам, ќе мораш да си маж
да пораснеш за трен, за два дни ил три,
мене време ми дошло
на душа да ѝ кажам: Спиј!”
Но татко, немој така
не збори ми вака
та нели рака сме си дале
и за арно и за мака
да сме тука двајца ко еден
радосен и среќен, сиромав и беден,
да сме тука јас и ти,
да терам пред мене и се да газам
„само ти води сине, јас ќе те пазам”
зар не кажа така, татко мој убав
да немам од ништо ни бој ни уплав
со тебе до мене јас Олимп ќе качам
со твојта рака на мое чело
сал од радост јас ќе плачам,
а сега Збогум ми велиш со поглед
ни збор не ми кажа
пред да се згаснеш
освен „Среќен пат, сине мој
јави се кога ќе стигнеш
и биди секогаш свој”
и кој да знае кога е крајот
и поздравот последен
кога ќе дојде
и кој да знае дека твојот пат е рајот
и твојот последен бакнеж
дека никогаш нема да ми пројде…
Сите стихови на off.net.mk