Пратеникот во Парламентот на Албанија, Васил Стерјовски, во емисијата „60 минути“ на тамошната телевизија СОТ7 објасни зошто се обраќа од говорницата и на македонски јазик, иако во Албанија официјален е само албанскиот.

„Ова повеќе беше охрабрување за македонската заедница, ако ја погледнете пораката што ја дадов: ‘Бидете горди Македонцилојални граѓани на Албанија’. Откако влегов во Парламентот, членовите на македонската заедница ме прашуваа кога ќе зборувам на македонски. Им реков дека Деловникот не го дозволува тоа, но ќе се обидам да направам еден поздрав и им се заблагодарувам на сите тие кои ме поддржаа и добив аплауз за тој говор“, објасни првиот пратеник Македонец што се обратил на македонски во законодавниот дом на Албанија.

На прашањето од водителот како се чувствува – Албанец или Македонец, Стерјовски категоричен.

„Секако дека се чувствувам Македонец. Не само што се чувствувам, туку и сонувам на македонски. Областа каде што сум роден во Општина Пустец е област каде што 100 проценти е македонска заедница. Ние таму до седум години не го зборуваме албанскиот јазик. Албанскиот јазик почнуваме да го учиме во училиште. Сопругата ми е Македонка од истото подрачје. Не знам, слушам македонски песни, во мојот свет сум. Но, сум албански државјанин, лојален граѓанин. Досега не сум добил ниту една парична казна за сообраќаен прекршок, а камоли да сум сторил кривично дело“, одговори претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), околу која гравитира македонското малцинство во Албанија.

„Се чувствувам Македонец, но албански државјанин и тоа што го потенцирав во сите мои говори во Парламентот е дека Албанија е нашата татковина. И покрај фактот дека наша матична држава е Македонија, ние тука сме родени, тука придонесуваме и го сакаме најдоброто за Албанија, зошто таа е нашата татковина, родното место на нашите родители и деца. Сакаме да имаме економски силна Албанија, да имаме многу добар здравствен систем, да ги имаме сите придобивки како и сите други граѓани. Но, за тој дел мора да се смени менталтетот на сите нас како граѓани, за да придонесуваме за развој на земјата. Не само да чекаме од државата, туку и ние мора да придонесеме“, додаде Стерјовски.

Снимката од настапот на првиот Македонец во албанскиот Парламент на линкот:

https://www.facebook.com/plugins/video.php?height=314&href=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fvasil.sterjovski%2Fvideos%2F10221617929691088%2F&show_text=false&width=560