Ова во гостување на албанската телевизија ТВ Сот го изјави лидерот на единствената македонска партија во Албанија Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски.

Одговарајкли на прашања за донација-амбулантно возило – од Бугарија за Здравствениот дом во Пустец Стерјовски рече:

„Кај нас се добредојдени сите странски донатори од која било земја. Сега последно кај нас Јапонија ќе донира еден багер па Јапонија не бара јапонско малцинство во нашата општина.

Саудиска Арабија има донирано.

Тие не рекоа дека дониравме за Арапите во Пустец“ – вели Стерјовски.

На прашање зошто Бугарите го прават тоа, Стерјовски со одговор:

„Во замена за националноста. Сите овие донации што ги прават Бугарите, ги преставуваат во медиумите дека ги донирале за Бугарите во Пустец.

Ќе ви кажам еден случај. Пред неколку години со Општина Девол го кофинансираа патот од Билишта до Врбник и рекоа дека оваа инвестиција ја правиме за бугарското малцинство во Врбник“ рече Стерјовски.

Во Општина Пустец доаѓале високи македонски и албански функционери, вели тој и оценува дека општината е призната 80 години, како македонска заедница и служи како мост меѓу двете земји.

„Затоа доаѓаат сите делегации, македонски и албански претседатели и премиери кои се среќаваат овде и за тоа сме горди што ја играме оваа улога на поврзување. Но, така не се чувствуваме кога доаѓаат бугарски претставници, бидејќи бугарската страна доаѓа и сака да ни ја негира националноста и од петни жили се обидува да станеме Бугари, што ниту сме биле ниту ќе бидеме – рече Стерјовски.