Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од заедничката комисија со Македонија за историски и образовни прашања, смета дека позицијата на првиот претседател на „Северна“, Стево Пендаровски, за личноста на Гоце Делчев е најблиску до вистината.

„Нивниот претседател Пендаровски изјави дека Гоце Делчев се определил како Бугарин, имал бугарско сознание, но се борел за независна, автономна Македонија. Тоа е една формулација што е најблиску до вистината, сосем блиску до вистината. Велам близу бидејќи ние не знаеме тие што се бореле за автономија на Македонија што точно имале предвид. Можеме да претпоставиме дека еден дел од нив имале предвид автономна Македонија што ќе си остане независна држава, каква што се случи со одлуката на Коминтерната од 1934-35 година. Може да имале предвид нашите автономисти нешто друго. Ние не знаеме точно во главата на кого што имало“, изјави Топалов во интервју за бугарската приватна телевизија БТВ.

„Гоце Делчев попрво сметал оти тоа е еден чекор кон ослободувањето на Македонија и кон изнаоѓањето на еден поинаков пат за неа од тој што е најден. Нашиот дел од комисијата има документи од типот на смртни пресуди, пописни документи, документи од бугарско-грчката емиграциска комисија итн. за семејството на Гоце Делчев. Тие биле четворица браќа и пет сестри. Тројца од браќата загинуваат во борба како борци. Две од сестрите исто така учествуваат во борбата. Целото семејство никогаш немало друга мисла за себеси освен таа дека се Бугари“, додава историчарот.

„Сепак, Комисијата и јавноста во Северна Македонија ги пренебрегнува тие нешта и за нив Гоце Делчев не е ништо друго освен апостол на одделната држава Македонија, која сега постои како одраз на македонизмот, што не е вистина. Гоце Делчев е роден во бугарско семејство во Кукуш, учител е по бугарски јазик, учи во солунската машка гимназија, учи во военото училиште во Софија и целосно е врзан со бугарската политика во однос на Македонија и ВМРО итн.“, вели Топалов.