Пишува: м-р Свето Тоевски

„Американската надворешна политика е целосен идиотизам“. Американската хегемонија едноставно повеќе не функционира. Оние во Вашингтон (американската Влада) не се сосема при себе.“изјави прославениот американски новинар Сејмор Херш, добитникот на „Пулицеровата награда“ за новинарство, за кинескиот ТВ Канал ЦГТН од Пекинг.


Овој став Херш го изнесе, осврнувајќи се на резултатите од неговата претходно објавена статија за експлозиите подметнати на гасовите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во водите на Балтичкото Море, за што тој изнесе одредени сознанија дека „одговорноста за тој чин го сноси официјален Вашинтон, односно ЦИА како директен изведувач на експлозиите во соработка со некои други земји“.

„Православниот народ од северна“

Во исто време со ставот на врвниот американски новинар дека надворешната политика на неговата земја е „целосен идиотизам“, а „Владата на САД не е при себе што прави“, се огласи и високиот американски дипломат Габриел Ескобар со вџашувачка изјава, во која македонскиот народ го означува како некој безимен „Православен народ од * Македонија“!

Како заменик-помошник на американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен, задолжен за европски и евроазиски прашања, во интервјуто за информативниот портал „Павлович тудеј“, Ескобар кажа: „* Македонија е вистински пример за мирен соживот меѓу Албанците и Православниот народ. Таа е сега модел на демократска граѓанска држава. Сега она што треба итно да го направат е да се придвижат напред кон спроведување на договорите и на уставните измени, за да се признаат Бугарите како конститутивна етничка група.“

Еднакво тежина има и инсистирањето на Ескобар „најитно да се спроведат уставните измени, заради признавање на Бугарите како конститутивна етничка група“. Дали Ескобар е запознат дека 80 отсто од овдешниот „Православен народ на * Македонија“ е апсолутно против какво било внесување на 3500-те Бугари во Уставот? Дали Ескобар може да не знае дека „уставното признавање на конститутивноста“ на една етничка група најсуштински може да значи и внесување и на нејзината државотворност, во конкретниов случај на „бугарската државотворност“ во највисокиот правно-политички акт на Македонија?

Овие „дипломатски совети“ на Ескобар се надоврзуваат на ненадејната посета на Ричард Нефју, глобалниот координатор за антикорупција од американскиот Стејт Департмент, придружуван од амбасадорката Анџела Агелер, кај претседателот на државата Стево Пендаровски, заради „борбата против корупцијата“. По многубројните контакти со Владата и надлежните македонски државни институции, амбасадорката Агелер најави дека во американската „црна листа“ ќе има дури „едно, или можеби две имиња“ за санкционирање…

Се помалку народи ги толерираат странските амбасадори како „гувернери“ на нивните држави…

Крајно навредливиот став на Габриел Ескобар кон  македонскиот народ, но и однесувањето на Ангела Агелер, која се повеќе се однесува како „гувернер“ на „*Македонија“, спротивно на одредбите на „Виенската конвенција, кои наложуваат амбасадорите на странските држави да не се мешаат по никоја основа и од никоја причина во внатрешните односи на односната земја каде што ја вршат својата дипломатска мисија, веќе предизвикуваат легитимни реакции на револт, кои започнуваат да се пројавуваат низ медиумите преку изјави на универзитетски професори, новинари-креатори на јавното мислење, „обични Македонци“…

Македонската партија ИНТЕГРА бара јавно извинување од Американската амбасада за недоличното преименување на Македонскиот народ во “православни луѓе“ од страна на заменик-помошникот на Државниот секретар на САД Габриел Ескобар. „Во вакви околности и токму поради вакви негирања на државотворноста на Македонскиот народ во татковината Македонија, не смее да се дозволи промена на Уставот со цел да се внесе бугарската малцинска етничка група во Преамбулата на македонскиот Устав.“ – реагира оваа партија.

„Не сакам, бре, американската амбасадорка да ми прави црни листи на корумпирани политичари. Не сакам ниту еден странски амбасадор да ги решава проблемите во мојата држава.“ – порача универзитетската професорка Мирјана Најчевска преку својот фејсбук-профил.

Соединетите Американски Држави и нивните амбасадори со нивната политика и однесување се соочуваат со остри реакции и низ Европа. Завчера илјадници Пражани на масовниот антивладин и анти-ЕУ митинг во Прага, искажувајќи спротиставување на американската политика кон нивната држава, покрај другото, порачаа: „Не е ниту Вашинтон главниот град на Чешка, туку е тоа Прага.“

На почетокот на годинашниов февруари Петер Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, остро го предупреди американскиот амбасадор Дејвид Пресман: „Никој од надвор не може да им кажува на граѓаните на Унгарија како треба да живеат, така што не нè интересира што мисли некој странски државјанин за внатрешните политички процеси во Унгарија, дури и да е амбасадор.“ Пресман имаше изнесено одредени ставови околу Путин и Унгарија.

Во својата статија со наслов „Министерот за надворешни работи на Унгарија бара американскиот амбасадор да покаже повеќе респект“ весникот „Хунгари тудеј“ ги пренесе и овие пораки на Сијарто до Пресман, но и воопшто до кој било друг странски амбасадор и дипломат во неговата земја: „Бараме повеќе почитување за Унгарците, дури и од амбасадорите. Не е нивна работа да се мешаат во внатрешните работи на Унгарија. Заврши ерата кога странските претставници можеа да им кажуваат на Унгарците како да живеат.“

Дури, министерот Сијарто му ја имаше упатено на 1 август 2022 година и оваа директна порака на Пресман, уште кога овој се наоѓаше во фаза на сослушување во Сенатот на САД, пред да биде именуван како американски амбасадор: „Новиот американски амбасадор не би требало да доаѓа во Унгарија како гувернер на провинција“.

„Чадните уставно-антикорупциски бомби“

Со оглед на сето, што го наведовме, треба и американскиот амбасадор во Македонија Ангела Агелер да покаже повеќе почит за конкретниот македонски народ, но и да се престане со фрлањето „чадни бомби“ божем САД многу се загрижила за корупцијата во „северната“ квази-држава. Во заднината на сите „грижи поради корупцијата во Македонија“ на САД, ЕУ и другите меѓународни чинители е остварувањето на нивната главна цел: да се смени уште еднаш Уставот на Македонија! Корупцијата се споменува колку да се одвлече вниманието од она главното, на што тие се устремени – формирањето двотретинско парламентарно мнозинство, заради промена на Уставот.

Вазалниот премиер Ковачевски и целата „северна влада“ се поставени да си ја „одработаат до крај задачата“ – се знае која е, а на меѓународните претставници им е најмалку важно колку овие ќе крадат и колкава ќе биде корупцијата во оваа држава. Се ќе им биде истолерирано и се ќе им биде простено, само за да „доврши работата“ околу Македонија, за што завршниот чин е внесувањето на „бугарскиот државотворен народ“ во Уставот на Македонија.

Внатрешното, „центрифугално распаѓање на големите империи“ и нивната „идиотска надворешна политика“

Се обиде и турскиот султан пред да му се распадне Империјата да ги обезимени Македонците и Македонија, издавајќи наредба наместо Македонија да се употребува изразот „трите вилаети…“, па и тој и отоманска Турција завршија како што завршија, а Македонија си го задржа името, иако не и целокупноста на својата етнојазична територија. Се обидува и сега Грција преку „Преспанскиот договор“ да се „помакедончи“ со името Македонија, ама и таа ќе биде успешна во тој поглед како и турскиот султан…

А на голема светска сила, каква што се Соединетите Американски Држави, не ѝ прилега да ѝ покажува мускули на една толку помала држава, каква што е Македонија, туку ѝ прилега да се придржува до „Договорот за стратегиско пријателство“. Ако се уште важи. Во историјата е познат принципот на внатрешното, „центрифугално распаѓање на големите империи“, што се случи со Античка Македонија на Александар Македонски, со Римската Империја, со Советскиот Сојуз… Сите тие имале, покрај другото, „идиотска надворешна политика“… Соединетите Американски Држави и Американците настанале во 1776 година, а Македонија и Македонците како народ опстојуваат веќе три милениуми… Кој се сомнева во ова последново можам да му презентирам грамада научни факти и аргументи, па нека повели за расправа.